Доминантнo жени и тоа од владејачкото мнозинство, се меѓу политичарите кои денеска се појавија на Парадата на гордоста во Скопје.
Екипата на „360 степени“ ги регистрираше пратеничката и лидерка на ДОМ, Маја Морачанин, пратеничката и лидерка на ЛДП, Моника Зајкова, како и независната пратеничка Санела Шкриељ, која е дел од мнозинството и членка на интерпартиската парламентарна група за унапредување на правата на ЛГБТИ-луѓето.
Понатаму, на настанот ги забележавме министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска и министерката за труд и социјална политика Јована Тречевска.
На настанот се појави и вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ.
Парадата на гордоста ја поддржа и поранешната вицепремиерка и министерка, Радмила Шекеринска.












Годинешната, четврта Парада на гордоста во Скопје, се одржува под мотото „Гласни и горди“. Парадата започна со поздравни говори во паркот „Жена борец“, по што стотина учесници со транспаренти и знамиња тргнаа на протестен марш низ центарот на Скопје, проследен со музика.
Парадата ќе заврши со културно-забавна програма на стадионот на АРМ во Градскиот парк, која се одвива од 20:30 до 01:00 часот.