Утре во Скопје треба да се случи четвртата Парада на гордоста, по првата во 2019 година. Во пресрет на настанот разговараме со Ирена Цветковиќ, која е дел од организацискиот одбор на „Скопје прајд“ и со Санела Шкриељ, пратеничка во Собранието, дел од мнозинството и членка на интерпартиската парламентарна група за унапредување на правата на ЛГБТИ-луѓето.
Соговорничките на „360 степени“ имаат различни оценки за атмосферата во општеството во однос на ЛГБТИ-заедницата и темите што ја засегаат кога се споредуваат со 2019 г., кога се одржа првата Парада на гордоста, и денес во пресрет на четвртата. Активистката Ирена Цветковиќ гледа и уназадување.
„За жал, атмосферата е полоша. Од 2019 до оваа година немаме дури ни напредок, што значи имаме уназадување. Тоа е нешто што, би рекла, не се должи на намалување на демократските капацитети на граѓаните, туку на нееманципација на граѓаните. Македонија отсекогаш била драстично радикално хомофобично општество. Тука ќе морам да бидам критична – обврска на властите, обврска на естаблишментот е да произведува демократски настроени граѓани, а тоа го нема“,
смета Цветковиќ.
А, вели дека очекувањата беа други при промената на власта во 2017 година.
„Огромна надеж и големо разочарување денес затоа што, и покрај добрите намери, на дел од луѓето во политиката, вистинска, системска промена, која не значи донесување еден закон за недискриминација кој нашите соседи, еве на пример, Косово го има повеќе од 10 години пред нас, значи системски влог во креирање граѓани, особено млади кои се демократски настроени, не само кон сексуалните и родовите малцинства туку кон сè што се перципира за различно во ова општество. Ние не успеваме да изградиме меѓуетничка толеранција, а камоли прифаќање на ЛГБТИ-заедницата и за тоа има виновник – виновник е тој што ги држи конците во рака или тој што управува со институциите на системот кој произведува граѓани. Ниту едно човечко суштество не се раѓа со ставови и вредности, туку ги добива“,
вели таа.
Пратеничката Шкриељ мисли поинаку.
„Јас морам да констатирам дека прогресивните политики во ова општество секогаш ги носело владејачко мнозинство кое било предводено од СДСМ, и тоа е неспорно, вклучително и последните законски измени кои се донесоа, она што сега се случува, дополнително усогласување кое треба да се случи со законот за спречување и заштита од дискриминација, одржувањето на првата парада и сите понатамошни е во време на влада предводена од СДСМ, така што тоа е неспорно. Меѓутоа, факт е дека она што ни недостига е да ги изградиме тие системски чекори – како да стигнеме до нови генерации кои ќе бидат отворени и ќе ги ценат и слават различностите, и по мене клучот тука е во образованието. Не зборуваме тука само за она што е исто актуелно – сеопфатно сексуално образование, и за кое се крена фама во јавноста, туку зборуваме за образование што се потпира на принципите на интеркултурализам, на родова еднаквост и на инклузивност. Тоа е новата концепција за основно образование, сите бевме сведоци каква реакција имаше. Знаете, истата група е таа што реагираше против новата концепција, сеопфатното сексуално образование и таа што сега се противи на законот за родова еднаквост, така што секогаш ќе ги имате тие антидемократски движења кои кога ќе забележат дека се сака да се направи исчекор во позитивна смисла ќе удрат и ќе се обидат да ги мобилизираат сите, за жал, неинформирани групи во општеството“,
вели Шкриељ.
Таа смета дека партијата (СДСМ, н.з.) останува на социјалдемократските вредности кои подразбираат еднаквост.
„Сепак, министерката за труд и социјална политика и Владата, повторно предводена од СДСМ, го предлагаат новиот закон за родова еднаквост и јас сум сигурна дека тој закон ќе биде донесен. Зошто е толку важно донесувањето на тој закон? Затоа што ќе постави многу построги обврски и за локалните и за централните власти за да не оставиме на нечија интерпретација што значи родовата еднаквост и еднаквите можности, дали сака или не сака нешто да спроведува, туку ќе има јасна рамка што треба и локалните и централните власти да прават“,
вели пратеничката од мнозинството.