Повеќе од 90 отсто од анкетираните студенти, во нашата земја, кажале дека воопшто не знаат како се пријавува корупција, ниту дали постои надлежна установа или орган на факултетите. Но, исто така, студентите рекле дека не пријавуваат корупција затоа што се плашат од последиците кои може да ги имаат доколку тоа го направат

Загрижувачки се податоците за распространетост на корупцијата на факултетите, покажува новото истражување на Институтот за стратешки истражувања и едукација – ИСИЕ кое е спроведено меѓу студенти од Северна Македонија, Албанија и Србија.
Според прелиминарните резултати 20 отсто од анкетираните македонски студентите сметаат дека корупцијата е многу или екстремно присутна на факултетите, а над 90 отсто од нив не знаат како треба да реагираат и каде да пријават коруптивно однесување во образовната институција.
Друг податок што произлегува од анкетата е дека на еден од десет студенти во земјава, опфатени во анкета, професор му побарал мито, а шест отсто понудиле мито за повисока оценка.
„Тоа се податоци кои нѐ загрижуваат. Изненадувачки е што првпат оваа анкета покажува дека има висок степен на перцепција за коруптивни практики од самите студенти, дури 20 отсто, на пример, наведуваат дека студентите мамат на испити или дека студентите ангажираат други лица да им пишуваат тези или семинарски работи. Тоа се две од трите најглавни коруптивни практики коишто ги утврди истражувањето“,
вели проф. д-р Мишо Докмановиќ, менаџер во проектот за нашата земја.
Од анкетираните студенти, 38 отсто рекле дека или не знаат дали има канцеларија за пријавување на корупција или дека нема посебна канцеларија за пријавување корупција за што се изјасниле 59 отсто. Но, исто така, 33 отсто од студентите рекле дека не пријавуваат корупција затоа што се плашат од последиците кои може да ги имаат доколку тоа го направат.
„Студентите се тие што треба да пријават евентуално коруптивно поведение на факултетите и мора да бидат многу подобро информирани. Секој студент кога почнува учебната година треба точно да знае каде и како се пријавува. Интересен податок е што студентите во Македонија најмногу одговараат дека онлајн-формулар е најдобра форма за да пријават корупција. Тоа значи дека сакаат да имаат максимална заштита при потенцијалното пријавување“,
додаде Докмановиќ.

Докмановиќ вели дека параметрите до кои е дојдено се разликуваат меѓу трите земји во кои е спроведена анкетата. Тој вели дека во Албанија постои многу подобра информираност за пријавување на корупцијата, а во Србија има помала перцепција, на пример, во делот на барањето мито од страна на професорите или обврската да им се купи книга.
„Една од трите главни коруптивни практики е и тоа што студентите во Македонија наведуваат дека професорите ги обврзуваат да купат книга за подобра оценка или подобар резултат“,
додаде проектниот менаџер.
При креирањето на примерокот за анкета се внимавало на пропорционална застапеност на универзитетите според бројот на студенти и се вклучени главните универзитетски центри во земјава – Скопје, Битола, Штип и Тетово и, како што беше посочено, нема некое драматично отстапување во резултатите.
Владимир Георгиев, член на Државната комисија за спречување на корупцијата, изјави дека ризиците за корупција во високото образование се утврдени во Националната стратегија за спречување корупција и нив ги има во поголем број и се, главно, од аспект на случувањата во самото високо образование, како при изборот на наставно-научни звања, трговија со влијанија, клиентелизам.
„Сите истражувања што се прават ги земаме предвид како надворешни дополнителни елементи што ќе ни послужат во нашата работа, а и ние направивме минатата година. Ние се обидуваме, пред се, да изградиме превентивни механизми да не се случуваат овие работи и затоа ги вградивме во националната стратегија. Ваквите истражувања што произлегуваат од жртвите на корупцијата се особено значајни за да ги детектираме мерките што треба да ги преземеме“,
рече Георгиев.
Георгиев додаде дека хиперпродукцијата на универзитети во државава влијае многу на намалување на квалитетот на високото образование и дека и тоа е еден од ризик факторите за корупција затоа што, како што рече, критериумите за избор во научно-наставни звања и трката по поголем број студенти доведува до ризици за коруптивно однесување.
Наодите од споредбеното истражување се претставени во Белград, а ќе следува презентација и во Тирана. Детален извештај со сите параметри ќе биде објавен во текот на летото, а за идната година е во план истражувањето да се повтори со истите прашања.
Истражувањето било спроведено во мај годинава од независна агенција и биле анкетирани 300 студенти во секоја земја, во рамки на проектот „Универзитети без корупција во Албанија, Северна Македонија и Србија“ поддржан со регионален грант на Смарт Балкан – Граѓанско општество за поврзан Западен Балкан.
