Членот на Антикорупциска најави дека ДКСК утре ќе има прес-конференција токму за Рамиз Мерко за кој, како што рече, уште во 2019 година утврдиле низа злоупотреби во неговото работење како градоначалник. Меѓутоа, нагласува, тогаш не беше ништо преземено

Членот на Државната комисија за спречување корупција (ДКСК), Владимир Георгиев, не е изненаден од тоа што струшкиот градоначалник Рамиз Мерко заврши на „црната листа“ на САД. Она што изненадува, според него, е што сега се разработуваат институциите.
„Ова не е воопшто изненадување, но е изненадување тоа што повторно нашите институции сега се разбрануваат откако некој однадвор ќе укаже за одредени состојби што ние веќе сме ги констатирале“,
изјави Георгиев.
На новинарско прашање за коментар за случајот, Георгиев рече дека не ни се случува првпат некој однадвор да ни укаже за одредени состојби или личности, како што е конкретниот случај Стејт департментот да го стави на „црна листа“ актуелниот градоначалник на Струга од аспект на негова вмешаност во корупција и влијание во правосудството.
Тој најави дека ДКСК утре ќе има прес-конференција токму за Рамиз Мерко за кој, како што рече, уште во 2019 година утврдиле низа злоупотреби во неговото работење како градоначалник.
„Наводите што ги најдовме беа поткрепени со извештаи од Државниот завод за ревизија, меѓутоа ништо не беше преземено“,
истакна Георгиев.
Одговарајќи на новинарски прашања во врска со Мерко, членот на ДКСК додаде и дека во извештајот за ставовите на самите судии и обвинители за корупција во правосудството, кој Антикорупциска го изготви заедно со ОБСЕ и беше презентиран минатата недела, еден од главните показатели е дека самото правосудство е под влијание и на извршната власт, но и од страна на повисоки судии и претседатели на судови.
Мерко заедно со неговото семејство во вторникот (20 јуни) беше ставен на „црната листа“ на САД поради вмешаност во значителна корупција и, како што објави Стејт департментот, присвоил средства и се мешал во судски и во други јавни процеси.
По објавата од Стејт департментот, Судскиот совет најави дека ќе формира комисија која во Основниот суд во Струга ќе провери дали струшкиот градоначалник се мешал во судски постапки.
Јавното обвинителството, пак, објави листа од шест активни предмети кои во моментов се водат за струшкиот градоначалник и најави дека ќе проверува дали Мерко влијаел во некој од нив, односно дали има неажурно и непрофесионално постапување од обвинителите.
„Јавното обвинителство на Република Северна Македонија исклучително сериозно ги зема предвид сознанијата на американскиот Стејт департмент за потенцијално влијание од страна на ова лице врз постапките. Од тие причини, обвинителството итно по секој предмет ќе ја испита законитоста и ажурноста во постапувањата и евентуалното вршење влијание во постапувањето по предметите. За сите обвинители за кои ќе се утврди дека постапувале неажурно, нестручно и потпаднале под влијание, ќе се поведе постапка за одговорност, а јавноста ќе биде соодветно информирана“,
рекоа денеска од Обвинителството.
Покрај шесте активни предмети, за Мерко изминатите години се воделе и други предмети кои се затворени, а Обвинителството најави дека ќе проверува дали тој се мешал и имал влијание и во нив.
*Други поврзани вести:
- Стејт департментот: Струшкиот градоначалник Рамиз Мерко неподобен за влез во САД поради вмешаност во значителна корупција
- Агелер по одлуката на САД да го стават Мерко на црна листа: Ќе се бориме против секој кој го поткопува владеењето на правото
- Ковачевски: Правосудните органи ќе треба да ги испитаат наводите за Мерко и да се запрашаат како САД дознале за нив, а тие не
- Грковска очекува од правосудните органи соодветно да ги разберат пораките од САД по ставањето на Мерко на „црна листа“
- Мерко не е последен – на „црната листа“ на САД ќе се најдат имињата и на други лица од С Македонија, вели Агелер
- ДУИ денеска конечно ќе се огласи за ставањето на Мерко на „црната листа“ на САД
- Ковачевски: Јас да се најдам на црната листа на САД, ќе си поднесам оставка бидејќи тоа ќе го сметам за најголем пораз
- Мицкоски: Единствен кој го брани Мерко е Ковачевски, дури и ДУИ молчи
