Екстремистичката група „Граѓани на Рајхот“, или на германски „Рајхсбиргер“, ја доведува во прашање легитимноста на Сојузна Република Германија. Германската безбедносна служба смета дека околу 23 000 луѓе припаѓаат на оваа група
Германската полиција ги пребарала домовите на пет лица во операцијата насочена кон десничарска екстремистичка група која наводно сакала да ја собори германската влада. Претресите се извршени во домовите на четворица мажи од Баден-Виртемберг и едно лице од Долна Саксонија, изјави вчера вечерта портпаролката на германското државно обвинителство.
„Во сите пет случаи се работи за сомнително членство во терористичка организација“,
рече таа.
Операцијата е поврзана со голема рација насочена кон бизнисменот Хајнрих Осми принцот Ројс, кој е осомничен дека е водач на групата, се вели во соопштението. Немало апсење.
Сакале насилно да го урнат германскиот политички систем и да инсталираат нова влада?
Екстремистичката група „Граѓани на Рајхот“, или на германски „Рајхсбиргер“, ја доведува во прашање легитимноста на Сојузна Република Германија. Германската безбедносна служба смета дека околу 23 000 луѓе припаѓаат на оваа група. Последните претреси уследија по големата рација спроведена минатиот декември, чија цел беше токму таа екстремистичка група.
По тие рации, Федералното обвинителство уапси повеќе од дваесетина осомничени во Германија, Австрија и Италија, меѓу кои и поранешни полицајци и поранешен пратеник во Бундестагот, кој беше претставник на екстремно десничарската партија Алтернатива за Германија. Полицијата запленила и поголемо количество оружје.
Осомничените припаѓале на неименувано терористичко движење поврзано со движењето „Рајхсбиргер“, соопштија обвинителите. Групата околу Ројс, кој исто така е во притвор, наводно планирала насилно да го собори германскиот политички систем и да постави нова влада.
Официјални лица велат дека групата имала воен огранок кој требало да набави оружје. Тие велат дека групата била подготвена да ги жртвува своите животи за да ги постигне своите цели.
Која е нивната идеологија?
„Граѓаните на Рајхот“ ја отфрлаат Сојузна Република Германија и нејзините демократски структури, а некои од нив го промовираат повторното воспоставување на Германската империја (Рајх) или веруваат дека Германија сè уште е тајно управувана од сојузниците од Втората светска војна, кои ја поразија нацистичка Германија во 1945 година.
Иако терминот „Граѓани на Рајхот“ („Рајхсбиргер“) често се користи, таа група не е единствената во тоа милје, според студијата од 2018 година на Фондацијата Амадеу Антонио, туку „големото, многу разновидно милје на идеологијата на Рајхот“ грубо може да се подели во четири подгрупи: суверенисти, самоуправници, „граѓани на Рајхот“ и десничарски екстремисти.