Спасувачката акција завршила во утринските часови, а истражителите сега треба да ја утврдат причината за несреќата
Во голема експлозија на гас во ресторан во регионот Нингсија во северозападниот дел на Кина вчеравечер загина 31 лице, а седум беа повредени, соопштија кинеските власти.
Несреќата се случила во главниот град на провинцијата Нингсија, Јунчаун. Таа се случила во резервоар за течен гас сместен во приземјето на ресторанот, а пожарот експресно се проширил и на првиот кат од зградата.
Несреќата се случува во период кога во овој регион владее празнична атмосфера во пресрет на одбележувањето на „Драгон боут фестивал“ (Dragon Boat Festival), кој е национален празник посветен на храната, а традиционално се одржуваат и трки со чамци.
Кинескиот претседател Си Ѓинпинг наредил целосна истрага за инцидентот, а Министерството за вонредни состојби објави дека пребарувањето на лицата и спасувачката акција во ресторанот завршила во утринските часови во четвртокот, а сега истражителите треба да ја утврдат причината за експлозијата.