За исполнување на стратегиските цели, порача претседателот на Социјалдемократската младина, треба да се дејствува сплотено, а на младите треба да им се даде шанса да учествуваат во обликувањето на иднината и да се изборат за подобри услови, кои, како што рече, нема да им дозволат да ја гледаат својата иднина надвор од границите на земјава
Подмладокот на владејачкиот СДСМ бара формирање на министерство за млади – институција која, како што велат оттаму, ќе постои поради потребите на младите и ќе ги спроведува младинските политики.
Ова денеска го соопшти претседателот на Социјалдемократската младина на Македонија (СДММ), Марко Михаилоски, за време на партиската трибина „Младина, иднина, Европа“ во организација на СДММ.

За исполнување на стратегиските цели, порача Михаилоски, треба да се деjствува сплотено, а на младите треба да им се даде шанса да учествуваат во обликувањето на иднината и да се изборат за подобри услови, кои, како што рече, нема да им дозволат да ја гледаат својата иднина надвор од границите на земјава.
„Рамо до рамо да бараме решенија за сите предизвици со кои се соочуваме. Треба да бидеме гласни, храбри и сплотени. Да покажеме што сакаме и што бараме. Да се избориме за подобри услови кои утре нема да ни дозволат да бараме решение надвор од границите на оваа земја со огромен потенцијал. Затоа што влогот во себе е влог во иднината на нашата земја“,
изјави претседателот на СДММ.
Михаилоски додаде дека СДСМ е единствената партија која не ја обесхрабрува или омаловажува својата младина во однос на постарите партиски членови и потенцира дека владејачката партија го вклучува и гласот на младите во носењето на сите одлуки, без разлика дали се партиски или државни.
Меѓу останатите, на трибината „Младина, иднина, Европа“ се обрати и премиерот и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски. На партискиот подмладок му порача да го крене гласот за европската иднина на земјава.

„Не смееме да дозволиме младите да бидат жртва на политичари без став, без визија, кои освен својата фотелја и желба за власт не мислат на ништо друго. Не смееме да дозволиме нова изолација, нови бранови иселувања на младите, нови барања за странски пасоши. Ве повикувам на активност и гласност. Кренете го силно гласот за европска иднина сега, тоа е гласот на младите, гласот на иднината, гласот за Европа“,
рече Ковачевски.
Единствениот начин да им обезбедиме подобар живот на младите да живеат во европска држава, порача премиерот, е да продолжиме брзо на патот кон Европската Унија. До 2030 година, додаде тој, може да успееме.
