Ова следува откако американскиот Стејт департмент го стави градоначалникот на Струга Рамиз Мерко на својата „црна листа“, со образложение оти се мешал во судските и во другите јавни процеси, притоа нанесувајќи ѝ штета на вербата на јавноста во демократските институции и функционерите на С Македонија
Откако американскиот Стејт департмент соопшти дека го става на својата „црна листа“ градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко, поради неговата вмешаност во значителна корупција, Судскиот совет најави дека ќе формира комисија која во Основниот суд во Струга ќе провери дали струшкиот градоначалник се мешал во судски постапки.

„Судскиот совет ќе ги провери наводите на Стејт Департментот и американската амбасадорка и ќе формира комисија, која заедно со координаторот за овој суд од редот на членовите, ќе направи посета на овој Суд, за да може на лице место да направи контрола“,
вели портпаролката на Судскиот совет, Гордана Дувњак.
Таа информира оти во текот на оваа и на минатата година имало вкупно 15 претставки од граѓани на Струга за работата на Струшкиот суд, притоа напоменувајќи оти во ниту еден случај не се доведуваат во врска со градоначалникот на Струга, туку за конкретни предмети во кои се засегнати странките.
Стејт департментот вчера објави дека САД го назначуваат градоначалникот на општина Струга, Рамиз Мерко, како генерално неподобен за влез во Соединетите Држави поради неговата вмешаност во значителна корупција.
Во образложението на американскиот Стејт департмент се наведува дека Мерко како градоначалник на Струга присвоил средства и се мешал во судските и во другите јавни процеси, притоа нанесувајќи ѝ штета на вербата на јавноста во демократските институции и функционерите на Северна Македонија.
Со акцијата, се наведува во соопштението на портпаролот на Стејт департментот, се испраќа порака дека Соединетите Држави стојат со Северна Македонија во поттикнувањето на стабилноста преку зајакнување на демократските институции и решавање на недостатоците во владеењето на правото.
Покрај струшкиот градоначалник, американската амбасадорка во земјава Анџела Агелер денеска најави дека на „црната листа“ на САД ќе се најдат и други имиња, притоа не прецизирајќи кога ќе се случи тоа.