Околу 100 милиони долари ќе одат за дигитализација на украинските царини и други системи со цел „да се забрзаат процесите и да се намали корупцијата“, а уште 35 милиони ќе бидат наменети за украинските компании
Соединетите Држави ќе испратат уште 1,3 милијарда помош за Украина за реконструкција на енергетската мрежа и модернизација на пристаништата, железницата и друга инфраструктура, изјави во средата во Лондон американскиот државен секретар Ентони Блинкен на конференцијата за обнова на Украина.
Велика Британија, САД и Европската Унија ветија милијарди долари помош за Киев на втората меѓународна конференција за обнова на Украина, а британскиот премиер Риши Сунак покрена рамка за воено осигурување во обид да ги охрабри компаниите да инвестираат.
„Клучот за закрепнување е поставувањето на темелите за Украина да напредува како безбедна, независна држава целосно интегрирана со Европа и поврзана со пазарите ширум светот“,
рече Блинкен во Лондон на конференцијата за закрепнувањето на земјата разурната од војната.
Со поддршка на американскиот Конгрес, ќе обезбедиме дополнителна помош од 1,3 милијарда долари за да ѝ помогнеме на Украина да ја постигне оваа цел, додаде тој.
„Од вкупната сума, 520 милиони ќе одат за енергетската мрежа, а 657 милиони за модернизација на граничните премини, пристаништата, железницата и другата клучна инфраструктура“,
изјави шефот на американската дипломатија.
Околу 100 милиони долари ќе одат за дигитализација на украинските царини и други системи со цел „да се забрзаат процесите и да се намали корупцијата“, а уште 35 милиони ќе бидат наменети за украинските компании.
Новата американска помош пристигнува откако Вашингтон веќе испрати речиси 20 милијарди економска и развојна помош за Киев.
Блинкен учествуваше на конференција во Лондон со членките на ЕУ и Велика Британија, на покана на британскиот премиер Риши Сунак. Украинскиот претседател Володимир Зеленски беше директен на средбата – на Киев му треба јасна посветеност од Западот за проекти кои ќе ѝ помогнат на Украина не само во закрепнувањето, туку и во развојот во моќна членка на западниот свет.
На конференцијата Сунак зборуваше за клучната тешкотија со која се соочуваат компаниите кои сакаат да инвестираат во Украина – осигурување од воени штети. Конзервативниот премиер предложи рамка за воено осигурување што ќе го отвори патот за неризични инвестиции, но не даде премногу детали. Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, изјави дека ЕУ ќе ѝ додели на Украина 50 милијарди евра од 2024 до 2027 година.
Украина бара до 40 милијарди долари за финансирање на првата фаза од „Зелениот Маршалов план“ за обнова на нејзината економија, која вклучува развој на индустрија за челик без јаглен. Вкупните трошоци на војната ќе бидат огромни – Украина, Светската банка, Европската комисија и Обединетите нации во март проценија дека по првата година од конфликтот, штетата изнесува 411 милијарди долари.