Скопската Зоолошка градина го изгуби кандидатскиот статус да биде членка на Европската асоцијација на зоолошки градини и аквариуми (ЕАЗА)
Само една и пол година откако ДПМНЕ ја презеде локалната власт во главниот град, Скопје тоне на секое поле. Последниот скандал е поврзан со Зоолошката градина, која во времето на СДСМ доживеа неверојатен развој и успешно се менаџираше, обвини денеска на прес-конференција координаторката на советничката група на СДСМ во Советот на Град Скопје, Љубица Јанчева.
„Наместо да се развива, Скопје со ДПМНЕ и Арсовска назадува. Тоа што беше оставено, едно прекрасно катче за најмладите, но и за сите скопјани, ДПМНЕ го растура. Со ДПМНЕ, наместо развој, Зоолошката градина се соочува со низа проблеми, а последно е тоа што го изгуби кандидатскиот статус за членка на Европската асоцијација на зоолошки градини. Причината е неисполнување на договорите и нереализираните проекти. Секогаш кога ДПМНЕ ќе добие власт, ова се случува – пропаѓање, нерезлизирани проекти, назадување“,
изјави Јанчева.
Таа посочи дека пропадната шансата за членство во престижната асоцијација, значи губење на сериозна финансиска поддршка и спречување на развојот на Зоолошката градина.
„Исфрлањето како член кандидат значи дека немаме право да аплицираме во наредните осум години и не смееме да соработуваме со ниту една зоолошка градина. Најголема штета е што со влез на Скопје во ЕАЗА, зоолошката ќе беше независна од буџетот на Град Скопје и ќе се градеа нови проекти. ДПМНЕ не можат ниту една зоолошка градина да менаџираат и да ја внесат во ЕАЗА, а камоли да направат нешто повеќе“,
рече Јанчева.
Скопската Зоолошка градина го изгуби кандидатскиот статус да биде членка на Европската асоцијација на зоолошки градини и аквариуми (ЕАЗА).
По ова реагираше поранешниот директор на Зоолошката, Ѓорѓи Галетановски.
„Не ми е сè уште верно, но ако е вистина ова е крај на сè, сè што се работело од 2007 година досега. Следуваше само уште еден скрининг и ќе бевме членки на ЕАЗА – Европската асоцијација на зоолошки и аквариуми. Нека се живи и здрави животните што се во ЗОО и што ги донесовме, Скопје повеќе нема европска зоолошка“,
напиша Галетановски на Фејсбук.
ЕАЗА е организација за Европската зоолошката градина и аквариум заедница. Работи со Европската програма за загрозени видови (ЕЕП). Организацијата е со седиште во Амстердам, Холандија. Членството во ЕАЗА е отворено за сите зоолошки градини и аквариуми низ Европа кои се во согласност со стандардите на асоцијацијата.
