„Јасните пораки и конкретните чекори што ги преземаат нашите меѓународни сојузници во борбата со корупцијата мора да бидат соодветно разбрани од домашните правосудни органи. Бидејќи нивната основна улога е да обезбедат еднаквост на граѓаните пред законот и да испорачуваат ефективна и неселективна правда“, напиша вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење на својот службен профил на Фејсбук
Вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска очекува од правосудните органи соодветно да ги разберат „јасните пораки и конкретните чекори кои меѓународните сојузници на С Македонија ги преземаат во борбата против корупцијата“ во земјава.

Ставот на Грковска, објавен на нејзиниот службен профил на Фејсбук, се реферира на одлуката на Соединетите Американски Држави да го прогласат струшкиот градоначалник Рамиз Мерко за непогоден за влез во САД.
„Јасните пораки и конкретните чекори кои ги преземаат нашите меѓународни сојузници во борбата со корупцијата мора да бидат соодветно разбрани од домашните правосудни органи. Бидејќи нивната основна улога е да обезбедат еднаквост на граѓаните пред законот и да испорачуваат ефективна и неселективна правда“,
вели Грковска во објавата.
Во образложението на американскиот Стејт департмент се наведува дека Мерко како градоначалник на Струга присвоил средства и се мешал во судските и во другите јавни процеси, притоа нанесувајќи ѝ штета на вербата на јавноста во демократските институции и функционерите на Северна Македонија.
Со акцијата, се наведува во соопштението на портпаролот на Стејт департментот, се испраќа порака дека Соединетите Држави стојат со Северна Македонија во поттикнување на стабилноста преку зајакнување на демократските институции и решавање на недостатоците во владеењето на правото.
„Оваа ознака ја потврдува посветеноста на Соединетите Држави за борба против корупцијата, која му штети на јавниот интерес, го попречува економскиот просперитет на земјите и ја намалува способноста на владите ефикасно да одговорат на потребите на својот народ“,
соопштија вчера од американскиот Стејт департмент.
Идентични пораки по објавувањето на одлуката испратија и заменик-помошникот државен секретар на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар, и координаторот за антикорупција на Стејт департментот, Ричард Нефју,
„Секогаш кога зборувате за нешто што вклучува визни ограничувања или санкции, секогаш ќе има прашања за ефикасноста. Мислам дека во голема мера, сепак, успеавме да покажеме значајни резултати во однос на помагањето на актерите на граѓанското општество и другите дека тие не се сами. И дека кога се соочуваат со корумпирани актери, имаат поддршка и имаат поддршка од меѓународната заедница“,
рече Нефју за Албанската редакција на Гласот на Америка.
По прогласувањето на струшкиот градоначалник за неподебен за влез во САД на социјалната мрежа Фејсбук вчера се огласи и американската амбасадорка во земјава Анџела Агелер која потенцира дека САД ќе продолжат да се борат против секој оној кој го поткопува владеењето на правото во Северна Македонија.
„Народот на Северна Македонија заслужува интегритет од нивните јавни службеници и систем кој ќе бара одговорност. Соединетите држави ќе продолжат да повикуваат секого – без разлика на позицијата или политичката партија – кој го поткопува владеењето на правото, загрозувајќи го напредокот и стабилност на Северна Македонија“,
напиша Агелер на Фејсбук.
Покрај Мерко, Стејт департментот како неподобни за влез во САД ги означи и неговата сопруга Шпреса и трите возрасни деца – Генц, Назмије и Дренуша.