Уште еднаш ја повикуваме меѓународната заедница да ја осуди агресијата на Србија на 14 јуни, кога нивните специјални воени и полициски единици ги киднапираа нашите полицајци, вели Курти

Косовскиот премиер Албин Курти изјави дека надлежните институции прават сè за Србија да ги ослободи тројцата припадници на косовската полиција, кои се во притвор откако беа уапсени од српските сили.
Косово и Србија изнесоа различни верзии за настаните, односно Приштина тврди дека српските сили „киднапирале“ полицајци на територијата на Косово додека патролирале во близина на границата, додека Белград тврди дека се уапсени на територијата на Србија.
„Уште еднаш ја повикуваме меѓународната заедница да ја осуди агресијата на Србија на 14 јуни, кога нивните специјални воени и полициски единици ги киднапираа нашите полицајци, антитерористичката единица и армијата“,
рече Курти, пренесува регионалниот сервис на Радио Слободна Европа.
Тој додава дека офицерот за врска меѓу Косово и Србија, Јетиш Јашари, ќе ја посети полицијата на почетокот на следната недела.
Вчера заменик-министерот за надворешни работи и дијаспора на Косово, Крешник Ахмети, за Радио Слободна Европа изјави дека косовските полицајци се држат во нехумани услови, што Србија го демантира.
Во меѓувреме, мировната мисија на НАТО на Косово соопшти дека врз основа на достапните податоци не е јасно каде точно биле припадниците на косовската полиција во моментот на апсењето.
САД и Велика Британија повикаа на итно ослободување на косовските полицајци.
Апсењето на косовските полицајци доаѓа во време на криза на северот на Косово, каде што живее мнозинско српско население и се противи на доаѓањето на албанските градоначалници.
Тензиите кулминираа на 29 мај, кога српските демонстранти се судрија со припадниците на КФОР. Во судирите беа повредени десетици луѓе од двете страни.