„Сакам да упатам една порака до Димитар Ковачевски, бидејќи е кукавица по природа и бидејќи се плаши од избори, и бидејќи се плаши да ме погледне во очи, еве го охрабрувам нека излезе на ТВ дуел пред македонската јавност, па граѓаните нека судат кој ја говори вистината, а кој не ја говори вистината“, рече Мицкоски во своето обраќање на партиската трибина во Гевгелија
Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во своето обраќање на вечерашната партиска трибина во Гевгелија рече оти не очекува позитивен одговор од премиерот и лидер на СДСМ Димитар Ковачевски во врска со предлозите што првиот опозиционер ги ставил на маса на лидерската средба што се одржа на 7 јуни.

„Само сакам да кажам драги браќа и сестри дека не очекувам позитивен одговор, бидејќи човек кога еднаш ќе се идентификува себеси како кукавица, цел живот тоа ќе го следи. Но, важно е да го следи и оваа понуда да му тропа, да го потсетува на сето она што и го прави на Македонија, на родот свој, на македонскиот народ, но и на сите наши сограѓани кои што си ја сакаат оваа држава како своја татковина. Затоа е многу важно денеска од овде, од Гевгелија да ја упатиме таа порака. Владата, драги браќа и сестри, пропушти историска шанса за подадена рака, но тоа е она кое што тие занаат само да го прават, да бегаат од вистината. Затоа јавноста мора да знае дека секогаш кога власта вели, ако не успее ова ќе разговараме одделно со пратеници. Единствено мислат на тоа дека со притисоци ќе дојдат до некаков резултат. Е па нема да успеат овој пат“,
рече Мицкоски.
Лидерот на опозициската партија, повторувајќи ги предлозите, ги отфрли тврдењата на власта дека на лидерската прифатил измени на Уставот и порача дека уставни промени под бугарски диктат нема да има и дека гаранција за тоа е ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата.
Тој го повика премиерот Ковачевски на телевизиски дуел, за како што рече, граѓаните да донесат суд кој ја говори вистината, а кој лаже.
„Сакам да упатам една порака до Димитар Ковачевски, бидејќи е кукавица по природа и бидејќи се плаши од избори, и бидејќи се плаши да ме погледне во очи, еве го охрабрувам нека излезе на ТВ дуел пред македонската јавност, па граѓаните нека судат кој ја говори вистината, а кој не ја говори вистината“,
рече Мицкоски.
Говорејќи за предлозите и понудата на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски посочи дека во моментот тие јасни.
„Првата е формирање на преодна влада која што ќе ги организира следните парламентарни и претседателски избори. Зошто е тоа важно, затоа што нема да имаме премиер под диктат на ДУИ и Али Ахмети. тоа е многу важно…Да го завршиме процесот сега, но да важи кога Македонија ќе биде членка на ЕУ. Да ги завршиме успешно преговорите со ЕУ, да започне ратификацијата во парламентите на земјите членки, Македонија членка на ЕУ и тогаш кога ќе бидеме во истото заедничко семејство да важи овој процес. Македонија дел од ЕУ, тогаш може да има важечки уставни измени. Македонија нема да биде ЕУ, нема да има важечки уставни измени“,
рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Од друга страна, вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ денеска уште еднаш ја повика ВМРО-ДПМНЕ да формира работни групи за преговори, како што тоа го направи СДСМ по лидерската средба, и да почнат со разговори во услови кога опозицијата ќе биде комотна.
Во случај ВМРО-ДПМНЕ да не формира работни групи, вицепремиерот рече дека до крајот на месецот би требало да се знае кога точно ќе влезат уставните измени во собраниска процедура, но вели – јули ќе биде интензивен месец.
„За нас е важно да седнеме и разговараме за сегашноста и иднината на Северна Македонија во ЕУ бидејќи премалку време има, а премногу се тешки предизвиците пред нас. Очекувам опозицијата да го сфати тоа и да се јави на повикот, ако тоа не се случи во наредните неколку денови, очекувам дека до крајот на овој месец треба да разговараме кога ќе одат амандманите во Собранието и иницијативата која е веќе подготвена. Очекувам во текот на летото да се најде во Собранието, месец јули ќе биде сигурно интензивен месец и ние не би требало да тактизираме и да чекаме повеќе од она што е потребно. Впрочем и да влезе во процедура во Собранието, ВМРО-ДПМНЕ сè уште ќе има можност да се приклучи да разговара, собраниската дебата тогаш ќе почне, нема да заврши. Ние ќе разговараме со секоја политичка партија“,
рече Маричиќ.
