Премиерот и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски, по лидерската средба со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на 7 јуни, рече дека едниот од предлозите што ги ставил на маса на состанокот бил ВМРО-ДПМНЕ да влезе во Владата и да добие половина од министерските места на СДСМ

Воопшто не размислувам за моите лични позиции, изјави денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, прашан дали ќе остане на функцијата доколку се формира широка влада во која би влегла опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
„Прво да видиме како ќе заврши целиот овој, би рекол, процес со уставните измени. За мене е многу важно државата да исчекори напред, да ги отвориме перспективите за граѓаните, за младите луѓе, да покажеме дека одговорноста како политичари пред граѓаните е огромна. Така што воопшто не размислувам за моите лични позиции. Тоа не е важно. Важна е Македонија, важни се граѓаните на Македонија“,
изјави Спасовски одговарајќи на новинарски прашања откако со шефот на мисијата на ОБСЕ во Скопје, Килијан Вал, го отвори реконструираниот објект на Единицата за службени кучиња на МВР – К9 во населбата Хиподром.
За потсетување, премиерот и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски, на прес-конференцијата по лидерската средба со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, што се одржа на 7 јуни, рече дека едниот од предлозите што ги ставил на маса на состанокот бил да се изгласаат уставните измени и да се оди на избори, а другиот ВМРО-ДПМНЕ да влезе во Владата и да добие половина од министерските места на СДСМ.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ го прифатил вториот предлог за влез во Владата, но го условил со тоа во неа да не биде Демократската унија за интеграција (ДУИ).
Прашан до каде е дијалогот на релација власт – опозиција во врска со уставните измени, министерот за внатрешни работи денеска не сакаше да ги коментира активностите кои на оваа тема се преземаат во рамките на партиите.
„Владата постојано разговара и презема низа на активности кои ќе значат забрзан чекор кон европските интеграции на Република Северна Македонија. И тие одлуки се одлуки за граѓаните и тие одлуки час поскоро треба да бидат донесени за да се отвори перспективата на граѓаните. Во делот на политичките партии, тие го работат тоа во рамките на партиите, така што јас денеска не можам да коментирам за политика“,
рече Спасовски.
