Обвинителката, пак, е убедена дека ќе ја докаже вината за делото измама. Постои обвинение за сериозно кривично дело, рече таа, а со неговото дејствие има последици и правното лице. Тоа се фактите, порача обвинителката, и не можете да ги извртите наспроти логиката
Апсолутно не се чувствувам виновен за делото што ми се става на товар, изјави денеска во судница докторот Жан Митрев, сопственик на истоимената приватна клиника, на рочиштето за судскиот процес во кој се товари за продолжено кривично дело измама.
Покрај Митрев, дека не се чувствува виновна за истото кривично дело, на денешното рочиште во Основниот кривичен суд Скопје се изјасни и застапничката на приватната клиника, која рече дека во целост го одбива обвинителниот акт.
По неколку одложувања, судскиот процес конечно почна со давање воведни зборови од обвинителството, по кое следуваше и изјаснувањето за вина од обвинетиот Митрев.
Обвинителката Искра Хаџи Василева, пак, истакна дека обвинителството ќе докаже надвор од разумното сомневање дека е сторено кривичното дело за кое постои обвинението.
„Постои обвинение за сериозно кривично дело, а со неговото дејствие има последици и правното лице. Тоа се фактите и не можете да ги извртите наспроти логиката. Обвинетиот сторил измама со умисла и ова обвинителство ќе го докаже тоа надвор од разумното сомневање“,
рече обвинителката, пренесе МИА.
Воведниот говор на одбраната ќе се одржи на следното рочиште, кое е закажано на 15 јуни.
Претходно, одбраната на Жан Митрев и на денешното рочиште побара одложување на судењето поради тоа што, според нив, од листата на докази на јавниот обвинител недостасуваат 48 медицински досиеја за пациенти. Јавната обвинителка, Искра Хаџи Василева, рече дека ваквото барање е сосема неоправдано бидејќи според неа „одбраната не само што ги знае туку ги има тие докази бидејќи таа ги доставила до обвинителство“.
Судот потоа донесе решение да не се одложи главната расправа од причина што доказите се доставени до одбраната во текот на истрагата.
Обвинението против Митрев се однесува на прикривање клучни факти за хемофилтрацијата – метод кој бил прикажуван дека е алтернатива за лекување ковид-пациенти, иако не смеел да го прави тоа.
Кога го поднесоа обвинението, од Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје појаснија дека хемофилтрацијата како метод може да најде примена и во третирањето на ковид-пациенти, но оти таа е ограничена, кај најтешки пациенти со тешка клиничка слика. Она што го потенцираа е дека во обвинението не станува збор за тоа дека пациенти во клиниката „Жан Митрев“ починале од хемофилтрација и несовесно лекување, туку дека на пациентите и нивните роднини не им била прикажана целосната слика за методот и биле доведе во заблуда.
Предметот во обвинителството беше отворен по документарниот филм „Нечиста крв“ на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) емитуван во јули 2022 година. По спроведена истрага, обвинение беше поднесено на 10 јануари годинава, а по прифаќањето следуваше и закажувањето на првото судско рочиште кое неколку пати досега се одложуваше.
Докторот Жан Митрев, пак, во своите јавни настапи, како и во неколкуте соопштенија испратени до медиумите тврдеше дека не измамил пациенти, како и дека ова е хајка против него.