Станува збор за документи кои Трамп ги чувал на својот приватен имот на Флорида каде што дел од нив биле и во салата за бал и во бањата

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп синоќа пристигна во Мајами, Флорида, каде што денеска треба да се појави пред суд поради обвинението за неправилно чување на доверливи документи на САД поврзани со националната безбедност.
Трамп синоќа отпатува за Флорида со приватен лет од неговиот голф клуб во Бедминстер, Њу Џерси, а во Флорида престојува на неговото одморалиште во близина на Мајами.
Трамп, кој води кампања за да ја освои републиканската номинација за претседателските избори в година, ги негираше обвинувањата тврдејќи дека не сторил ништо лошо.
Обвинението се состои од 37 точки (кривични дела). Станува збор за документи што Трамп ги чувал на својот приватен имот на Флорида каде што дел од нив биле и во салата за бал и во бањата.
Доверливите документи што ги чувал тој се однесувале на: нуклеарните програми на САД, одбранбените и вооружени способности, потенцијалните слабости на САД и сојузниците при евентуален воен напад и планови за евентуална одмазда како одговор на напад од странски сили.
Трамп претходно беше обвинет и од Окружното обвинителство на Менхетн за фалсификување деловни документи во врска со пари платени на порноѕвезда во замена за молчење за аферата пред претседателската трка во 2016 година.