Претседателот на државата Стево Пендаровски денеска преку телефонски разговор со претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, се заблагодари за испратената помош со цел спречување на ширењето на коронавирусот.
*Поврзана вест: Пристигна турската донација во Скопје, Ердоган во пораката напишал „има многу сонца зад мракот“
„За време на разговорот, претседателот Пендаровски, во име на граѓаните на Република Северна Македонија и во свое лично име, изрази благодарност до претседателот Ердоган за медицинската опрема, во скафандери, маски и тестови којашто пристигна од Турција, додавајќи дека сојузништвото и солидарноста меѓу државите се важни во овие тешки денови кога на глобално ниво заеднички се справуваат со епидемијата на ковид-19“,
соопштија од Кабинетот на Пендаровски.
Тој изразил и солидарност и поддршка за Турција во напорите за справување со ковид-19 со оглед на тоа дека Турција е меѓу десетте најпогодени земји со близу 40 000 инфицирани и над 800 починати лица. Пендаровски упатил и сочувство за починатите и посака скорешно закрепнување на заболените со ковид-19.
„Во врска со состојбата во земјава во справувањето со епидемијата на коронавирусот и отстранувањето на последиците од истата, претседателот Пендаровски го информираше претседателот Ердоган дека ситуацијата е стабилна, меѓу останатото и заради фактот дека Северна Македонија меѓу првите земји во регионот ги започна активностите за справување со пандемијата. Во овој контекст, претседателот Пендаровски додаде дека државата се подготвува за предизвиците со кои се очекува да се соочи економијата по надминувањето на пандемијата, потенцирајќи ја притоа важноста на силните економски врски меѓу двете држави“,
се вели во соопштението.
Двајцата претседатели изразија се задоволни од билатералните односи, а Пендаровски дополнително се заблагодари на Турција за поддршката во остварувањето на една од нашите стратегиски цели, членството во НАТО.