Денеска Меѓународниот комитет на Црвениот крст предупреди дека пробивањето на браната ќе има катастрофален ефект врз лоцирањето на нагазни мини

Најмалку 600 квадратни километри од јужниот украински регион Херсон се поплавени по уривањето на браната „Нова Каховка“, изјави гувернерот на областа, Олександр Прокудин.
„Просечното ниво на водата од поплавите се искачи на 5,61 метар“,
напиша Прокудин на Телеграм.
Според Прокудин, источниот брег, кој се наоѓа пониско од западниот, го претрпел најлошото од поплавите. Од целото поплавено подрачје, 68 отсто се на источниот брег, а 32 отсто на западниот брег, вели Прокудин.
„Речиси 2 000 луѓе сега се евакуирани од ‘опасната зона’ и се сместени во привремени засолништа за помош. И покрај екстремната опасност и постојаното руско гранатирање, евакуацијата од поплавеното подрачје продолжува. Ситуацијата на источниот брег е исклучително тешка. Луѓето страдаат не само од високата вода, туку и од рускиот терор и од неподготвеноста на окупаторите да им помогнат на луѓето“,
рече Прокудин.
Прокудин очекува водата да остане и да се собира уште еден ден, а потоа постепено да се повлекува во следните пет дена.
Денеска Меѓународниот комитет на Црвениот крст предупреди дека пробивањето на браната ќе има катастрофален ефект врз лоцирањето на нагазни мини.
Ерик Толефсен, шеф на Единицата за контаминација со оружје на МКЦК, предупреди дека мините исфрлени во поплавата предизвикаа голема загриженост не само за жителите на Херсон, туку и за оние кои доаѓаат да помогнат.
„Знаевме каде се опасностите. Сега не знаеме. Сè што знаеме е дека тие се некаде низ водата“,
додаде Толефсен.
Наталија Хумениук, портпаролка на јужната воена команда на Украина, изјави дека „многу противпешадиски мини сега станаа пловечки мини“.
Тие претставуваат голема опасност, рече таа, објаснувајќи дека најверојатно ќе експлодираат доколку се судрат или удрат во нешто.
Браната „Нова Каховка“, која се наоѓа на реката Днепар и на линијата на фронтот меѓу украинската територија и регионите под руска окупација, беше пробиена во вторникот.