Што се однесува до гаранциите кои Мицкоски ги бара од ЕУ како услов за важење на евентуално усвоените уставни измени, премиерот му порача на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ убаво да ја прочита преговарачката рамка и да ја анализира бидејќи, како што нагласи во неа се сите гаранции кои ги бара Мицкоски
Добро е што ставот утрово искажан од страна на потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ (Тимчо Муцунски) практично е променет, според тоа што го слушнав јас на средбата и вие на прес-конференцијата, а тоа е дека ВМРО-ДПМНЕ не е против уставни измени во државата.
Ова е првата оценка што ја даде премиерот и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски, по денешната средба со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Ковачевски пред новинарите кажа дека излегол со предлог заеднички да се изгласаат уставните измени и потоа веднаш по завршување на овој процес да се оди на избори. Меѓутоа, дал и дополнителен предлог за влез на ВМРО-ДПМНЕ во Владата, кој претходно го соопшти и Мицкоски.
„Во текот на изминатиот период, слушајќи ги сите изјави од страна на политичките субјекти, сфатив дека за господинот Мицкоски и за ВМРО-ДПМНЕ е важно да бидат дел од власта и за да покажеме дека ние како влада не сме ориентирани кон добивање политички поени само за себе и не сме водени од свој партиски интерес, предложив да го изгласаме отворањето на Уставот и веднаш утредента ВМРО-ДПМНЕ да влезе во владата, при што СДСМ ќе ослободи половина од своите места за претставници на ВМРО-ДПМНЕ“,
рече Ковачевски.
На тој начин, според премиерот, ќе се обезбеди влада која обединува и во која се сите политички партии кои се за европска интеграција.
„Денеска слушавме дека тоа не е веќе проблем за ВМРО-ДПМНЕ. На тој начин, таа влада ќе го спроведе процесот на уставни измени, ќе го заврши скрининг-процесот кој е во тек, ќе го затвори процесот на уставни измени, ќе ги отвори поглавјата и дури може и да затвори едно или две од поглавјата кои се дел од првиот кластер. Дополнително истата таа влада ќе може да ги организира и следните избори. На тоа додадов, уставните измени кои ќе се донесат во своите заврши и преодни одредби да имаат одредба со која важат во моментот на одржување на втората меѓувладина конференција која е закажана без никакво одложување“,
рече Ковачевски.
Сè друго, според него, е разговор надвор од преговарачката рамка бидејќи таа е донесена од сите земји членки на ЕУ.
Што се однесува до гаранциите кои Мицкоски ги бара од ЕУ како услов за важење на евентуално усвоените уставни измени, премиерот му порача на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ убаво да ја прочита преговарачката рамка и да ја анализира бидејќи, како што нагласи, во неа се сите гаранции кои ги бара Мицкоски.
Ковачевски нагласи и дека во следните денови една земја членка на ЕУ во својот парламент ќе усвои резолуција со која се потврдуваат македонскиот идентитет, јазик и култура, но не откри која е таа земја.
На ваквиот предлог на премиерот, Мицкоски, пак, одговорил со видоизменет предлог што самиот го соопшти по средбата.
„На оваа понуда, која претставува позиција на Димитар Ковачевски, од моја страна беше даден следниот одговор – во ред, ја разбирам понудата и за неа го имам следниот став, ВМРО-ДПМНЕ е подготвена да влезе во влада со СДСМ и со другите политички партии, но без учество во владата на ДУИ. ВМРО-ДПМНЕ е подготвена да учествува во неа со тоа што избори подготвува техничка влада, а не оваа влада, 100 дена пред одржувањето на тие избори. А, евентуалните уставни измени да важат денот кога ќе отпочне ратификацијата на пристапниот протокол на Македонија во рамките ЕУ од парламентите на 27-те земји членки“,
рече Мицкоски.
Премиерот, кој зборуваше по обраќањето на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, неколкупати спомена дека оваа партија го променила ставот и порача дека овој дијалог треба да продолжи, можеби не треба секогаш со најавување како голем настан и големи прес-конференција, но дискусија, нагласи, треба да продолжи.
„Ништо не се прави под ничиј диктат, под диктат на која било држава и ништо нема направено под бугарски диктат како што слушаме од изјави од претставници на опозицијата. Можеме да кажеме дека се приближуваме кон заеднички став дека ова е потребна одлука која можеме заедно да ја донесеме“,
рече Ковачевски.