Репортери без граници (РСФ) ги повикаа националните и европските институции да ги заштитат медиумите додека ја исполнуваат својата јавна мисија во ризичните услови на пандемијата на ковид-19, кога новинарите стануваат колатерални жртви на напади од различни непријатели на слободата на печатот – вклучително и некои влади, кои, како што посочуваат, ја користат вонредната ситуација за да се пресметаат со нивните критичари.
РСФ во својот извештај го наведува примерот со српската новинарка Ана Лалиќ, која пишуваше за недостиг на заштитна опрема за здравствените работници во болницата во Нови Сад и притоа ѝ беа одземени нејзиниот лаптоп и службен телефон.
Овој случај РФЗ го толкува како пример од еден „поширок тренд на Балканот и на истокот на Европската Унија, како што се посочува во извештајот, репресивните закони за борба против Ковид-19 се користат за да се сузбие слободата на печатот.
Од Унгарија, преку Полска до Република Српска
РСФ, исто така, укажува и на ситуацијата во Унгарија каде на неодреден период, се зголемени овластувањата на премиерот Виктор Орбан.
Забелешката на оваа организација е што, унгарскиот Закон за вонредна ситуација поради коронавирусот воведува казни до пет години затвор за ширење лажни вести, а оној кој одлучува што е вистина е Владата. Овој закон е насочен кон независните медиуми кои беа обвинети од властите за дезинформација, иако тие известуваа за ковид-19 поодговорно од провладините медиуми, наведуваат од РСФ.
Организацијата за заштита на правата на новинарите во светот, ја посочува и Полска како земја која ја ограничува слободата на новинарите. Притоа се посочува дека Владата во Варшава донела поостри закони, а независниот новинар Влодзимерц Циека бил два часа во полициска станица затоа што снимал протест на четири лица пред куќата на претседателот на владејачката партија.
Исто така РСФ го критикува неодамнешниот претседателски декрет и владини правила во Романија, со кои се дозволува произволно блокирање на медиумски сајтови, со обвинување дека шират лажни вести. Досега се затворени два портали, одлуки против кои нема правен лек.
На оваа листа се најде и Бугарија, која, како што потсетува РСФ е најлошо рангирана земја во ЕУ според Индексот за слобода на медиуми и се наоѓа на 111 место во светот. Владата во Софија усвои закон со кој ширењето лажни вести се казнува со затвор до три години и казна од 5 000 евра. Подоцна претседателот стави вето на законот.
Во извештајот на Репортери без граници се наведува и Република Српска, во БиХ, каде со новиот декрет се овозможува да се казнува ширењето лажни вести, како и областа Брчко која усвои слични мерки.
И Владата на Јанез Јанша, според РФЗ се вклучила во отворена кампања против новинарите веднаш по преземањето на власта во средината на март, преку сајбер-вознемирувања, па дури и физички напади врз новинари. Се посочува примерот на истражувачкиот новинар од Радио Слободна Европа Блаж Згага кој како што се наведува се соочил со огромен број онлајн-закани, вклучувајќи и повици да биде убиен, откако испратил барање за слободен пристап до информации до кризниот штаб, одговорен за ковид-19. Наместо да одговори на барањето Кризниот штаб на Твитер ги нарече Згага, интелектуалецот Славој Жижек и уште две лица, критички настроени „психијатриски пациенти кои избегале од карантин“.
Репортери без граници потсетува дека Јанша вербално го нападнал јавниот сервис РТВ Словенија, чии новинари го критикувале можното зголемување на платите на министрите. Тој ги обвини за „ширење лаги“ и дека се „преплатени“ и им се закани дека ќе го намали финансирањето на таа медиумска куќа.
РСФ го наведе и примерот на албанскиот премиер Еди Рама, кој преку операторот Водафон испрати порака до граѓаните со содржина: „Мијте ги рацете, не излегувајте од домовите заради задоволство, отворете ги прозорците колку сакате и заштитете се од медиумите“.
Случајот со ИРЛ во извештајот на РФЗ
Во извештајот на репортери без граници се најде и нашата земја за случајот со истражувачката новинарска платформа ИРЛ која како што се наведува се соочи со закани откако објави извештај насловен „Пандемско профитерство или грижа за заедницата: Другата страна на приказната за ковид-19 тестовите“.
Аџибадем Систина, болница која е во врска со олигархот Орце Камчев ги вреѓаше новинарите и побара повлекување на текстот, се наведува во извештајот на Репортери без граници.
„Ова е само уште една мрачна илустрација на фактот дека додека новинарите придонесуваат за борба против ковид-19, тие самите стануваат колатерални жртви, соочувајќи се со напади од различни непријатели на слободата на печатот – вклучително, за жал, и некои влади – кои ја искористуваат ситуацијата за гонење на нивните нивните критичари“,
заклучува организацијата Репортери без граници.