Дваесет и едногодишникот е префрлен во Специјалната затворска болница во Белград, а доколку психијатриското вештачење покаже дека тој не бил разумен во моментот на пукањето, ќе му биде наредено задолжително психијатриско лекување
Вишиот суд во Смедерево му го продолжи притворот за нови 30 дена на 21-годишниот У. Б. кој е осомничен за масовното убиство во околината на Младеновац и Смедерево, што се случи на почетокот на мај годинава.

Продолжениот 30-дневен притвор му е одреден по неколку основи – поради опасност од бегство, да не го повтори делото и поради предизвикување вознемирување на јавноста, соопштија од Вишото обвинителство во Смедерево.
Откако беше уапсен, осомничениот призна дека го сторил делото, односно дека на три различни локации пукал со автоматска пушка и пиштол во луѓе кои не ги познава, за да ги исплаши жителите.
Дваесет и едногодишниот У. Б. доцна вечерта на 4 мај во околината на Смедерево и Младеновац со истрели од автоматско оружје уби осум лица, а повреди дванаесетмина.
Според неофицијални информации кои ги објави српски „Данас“, У. Б. пукал во уште три лица, но не ги повредил.
Осомничениот е префрлен во Специјалната затворска болница во Белград, а доколку психијатриското вештачење покаже дека тој не бил разумен во моментот на пукањето, ќе му биде наредено задолжително психијатриско лекување.