Белорускиот претседател Александар Лукашенко засега ги ингорира сите повици за „затворање“ на државата по примерот на остатокот од светот, нарекувајќи ги стравувањата од епидемијата на коронавирусот „психоза“, сугерирајќи дека вотка и сауна се најдобра помош.
Ставот на лидерот на Белорусија доби негативна популарност низ Европа и светот, но тоа не може да се каже и за фудбалското првенство на таа земја. Бидејќи сите други европски лиги се во прекин поради безбедносни причини, првенството на Белорусија тече нормално. Така, малку познатата лига сега урива рекорди на гледаност, бидејќи на љубителите на фудбалот и спортското обложување не им останува ништо друго за гледање или кладење.
За време на епидемијата, 11 спортски канали потпишале договори за преноси во живо на мечевите од белоруската фудбалска лига. Кај нас, пак, во понудите за онлајн-обложување во категоријата фудбал, прв избор се натпреварите од Белорусија. Потоа следуваат симулирани мечеви од други европски лиги и натпревари од уште помали првенства, како Никарагва.
Дел од навивачите во Белорусија, сепак, не се согласуваат со лежерниот став на претседателот и престанале да одат на натпревари. Други, пак, сметаат дека нема опасност од ковид-19.
Британскиот јавен сервис Би-би-си изработи и кратко видео за атмосферата во Белорусија и на тамошните стадиони. Содржината е на англиски јазик.