Во интервју за емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ одговара на серија прашања поврзани со неговите изјави дека не поддржуваат уставни измени под овие околности
360°: Што се околностите за коишто зборувате дека сега се неприфатливи, а би биле прифатливи утре за да поддржите уставни измени?
Мицкоски: Па, сум зборувал за ова, политичари што сакаат да имат политички авторитет и политичари со народен кредибилитет, најпрво треба да излезат пред народот и да му кажат – видете, луѓе, имаме проблем, проблемот е на маса, овие го прифатија овој проблем, надвор од ваша волја, надвор од волјата на политичките партии во Македонија, ние ова не можеме да го прифатиме вака како што е и затоа го нудиме ова и ова решение.

360°: Сакате да кажете, на избори?
Мицкоски: Точно, треба ние да го добиеме најпрво народниот кредибилитет, а тој народен кредибилитет нам ќе ни даде авторитет утре, доколку, нели, добиеме, ако не добиеме, тоа е тоа, ќе бидеме поразени, тогаш ќе добијат другите, и со тој авторитет веќе ние ќе можеме да одиме чекор напред.
360°: Ги знаете аргументите дека, на пример, владата на ВМРО-ДПМНЕ во 2014 година предложи уставни измени, и тоа осум амандмани, без да има изборен легитимитет за тоа?
Мицкоски: Владата на ВМРО-ДПМНЕ во 2014 година, колку што јас се сеќавам, предложи уставни измени коишто пропаднаа.
360°: Да, ама предложи, тргна во процес на уставни измени.
Мицкоски: Дозволете само да го појасниме концептот. Тие уставни измени беа дел од изборната програма на коалицијата што ја предводеше ВМРО-ДПМНЕ и фокусот не беше уставни измени на национално прашање. Тоа беа уставни измени, ако се сеќавате, коишто беа поврзани со делот на економијата и коишто се сосема различни од ова што денеска го имаме. Ова е национално прашање, национална тема и за националната тема единствен суверен е народот.
360°: Да бидам малициозен – да речеме, во која изборна програма напишавте дека по победата на локалните избори во Скопје вака ќе се владее, вака ќе се управува со главниот град? Ме разбирате што сакам да ви кажам? Тоа е висок демократски принцип – теорија на мандат, ама ова не е британска демократија, господине Мицкоски.
Мицкоски: Или Шведска, бидејќи и во Шведска за да направите уставни измени, потребно е да одите на избори.
360°: Вие никаде во изборната програма не ни кажавте дека вака ќе се владее со Скопје.
Мицкоски: Не, видете, дали еден процес на избори што вие го банализирате сега, јас ве разбирам, имате право, е поврзан со одреден вид политичка одговорност и да, ние како политачири сме излегле, сме застанале позади тој кандидат, сме заклучиле дека тој не ги исполнува оние политики зад коишто сме застанале, сме се извиниле за тоа и сме се поттргнале настрана и ќе работиме за да можеме нешто да исправиме поврзано со тие политики.
360°: Тоа не е добра препорака за вас, се согласувате?
Мицкоски: И тоа е политички процес што нема никаква врска со највисокиот акт на државата – Уставот. Тоа е политички процес за кој ВМРО-ДПМНЕ, јас лично, од страна на народот ќе добиеме казна или нема да добиеме казна на следните избори. И најдобар начин за да видиме дали ќе добиеме или нема да добиеме казна од граѓаните, беше час поскоро да имаме избори. Но, за жал, од страна на Владата, којашто тврди, еве, јас сум го слушал Димитар Ковачевски на многу интервјуа кога вели дека ќе бил премиер уште најмалку девет години, нели, прво беше десет, па измина една година, најдобар начин за да го провери својот кредибилитет, а врз основа на тоа, да стекне авторитет и да провери дали ВМРО-ДПМНЕ сè уште ужива доверба кај граѓаните по историската победа на локалните избори во првиот и вториот круг, беше да прифати избори и на тие избори да одиме со концепт, тие за жал одлучија да избегаат од избори.
360°: Уште малку ќе инсистирам да ни кажете за околностите под кои би прифатиле уставни измени?
Мицкоски: Па, сме го зборувале тоа, зборувавме за гаранции, зборувавме за социјално-економски пакет, зборувавме за национално достоинство што ќе им се врати на Македонците како мнозинска заедница и така…
360°: Зошто не се ангажирате ова да се случи сега, да се сменат околностите за да бидат прифатливи за вас и да поддржите уставни измени сега?
Мицкоски: Затоа што сега ние не сме излегле на избори, не знам дали ме разбирате правилно, јас и тогаш кога го зборував и сега ќе го повторам, велев дека најпрво треба да одиме на избори и сите ние како политички партии овие околности и нашите црвени линии да ги покажеме во јавност. Сакам да поентирам зошто ова е важно, затоа што многу малку во јавноста се експлоатира таа тема. Ова е многу важно поради тоа што се прифати решение за кое немаше национален консензус, дури и одредени партии што беа дел од владината коалиција тогаш застанаа против тоа решение, дури ни внатре нема коалиционен консензус, а дел излегоа од владината коалиција, дел претпоставувам ќе излезат – нели партијата ДОМ даде време од сто дена кога некои услови требаше да се исполнат, па изминаа тие сто дена, ќе видиме каква ќе биде иднината на таа политичка партија во самата владина коалиција.