Пратеникот и портпарол на СДСМ, Дарко Каевски, на денешната прес-конференција рече дека Мицкоски со денови молчи за својата одлука, но, која ќе биде таа, посочи тој, ќе се знае по лидерската средба, која, според она што може да се заклучи од неговото обраќање, ќе се одржи следната недела
Социјалдемократскиот сојуз на Македонија денеска повторно го прозва лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека стои пред одлуката – дали ќе го поддржи евроинтегративниот пат или ќе го следи патот на поранешниот премиер Никола Груевски.

Пратеникот и портпарол на СДСМ, Дарко Каевски, денеска на прес-конференција рече дека Мицкоски со денови молчи за неговата одлука, но, која ќе биде таа, посочи тој, ќе се знае по лидерската средба, која, според она што може да се заклучи од неговото обраќање, ќе се одржи следната недела.
„Христијан Мицкоски стои пред одлука: дали ќе ја поддржи македонската иднина во ЕУ или ќе го следи патот на неговиот претходник Никола Груевски. Груевски 11 години го блокираше евроинтеграцискиот пат на Македонија кон ЕУ за на крај да избега од државата соочен со одговорност за криминалот. Со денови Мицкоски молчи за неговата одлука. Но, ќе почекаме до лидерската средба да видиме дали тоа што јавно го говори ќе го каже и таму. Веќе следната недела ќе стане јасно дали Мицкоски е дел од блокот на ЕУ или останува во антиевропскиот блок со Левица“,
рече Каевски.
Претходно на прес-конференцијата Каевски кажа дека земјава има историска шанса да го продолжи својот европски пат, со силна поддршка од Европската Унија и од Соединетите Американски Држави.
Одговорста дали таа ќе биде искористена, посочи тој, ја имаат сите 120 пратеници и политичките партии, вклучително и ВМРО-ДПМНЕ.
Изборот е, истакна тој, или интеграција во ЕУ или изолација.
„По 17 години чекање, нашата држава ги започна преговорите за членство во ЕУ, го спроведува успешно скрининг-процесот кој наскоро ќе финишира. Имаме историска шанса, со силна поддршка од ЕУ и САД, да го продолжиме европскиот пат и да реализираме уште една стратешка цел: полноправно членство во ЕУ. Одговорност пред граѓаните и иднината на земјата имаат сите 120 пратеници и политичките партии, вклучително и ВМРО-ДПМНЕ. Изборот е интеграција во ЕУ или изолација. Нема друга опција, ниту шанса да добиеме подобар договор од овој што го имаме. А, видоа граѓаните како изгледа изолација од 2006 до 2016 година, заробена држава без перспектива, режим, уназадена земјата која не напредува“,
рече пратеникот во Собранието и портпарол на СДСМ.
Најавата за лидерска средба премиерот Ковачевски првично ја соопшти пред една недела. Тогаш, а и во текот на неделава тој во неколку наврати во изјави за медиумите рече дека на маса ќе бидат две теми – уставните измени и другата, односите со соседите и пристапот кој треба да го имаме како држава во однос на градењето добрососедство.
Мицкоски рече оти ќе ја прифати поканата на премиерот и лидер на СДСМ за лидерска средба, но, како што кажа деновиве, нема голема надеж во врска со неа, повторувајќи го партискиот став дека под овие услови и околности и под бугарски диктат, ВМРО-ДПМНЕ нема да прифати промена на Уставот ниту сега ниту во иднина.
Ковачевски во интервју за ТВ Канал 5 во средата рече дека од неговиот кабинет веќе била испратена поканата до опозициската партија и нејзиниот лидер. Мицкоски, пак, од друга страна, вчера одговарајќи на новинарски прашања рече дека до партијата не стигнала официјална покана.