Министерот за економија денеска изјави дека од страна на „Електрани на Северна Македонија“ (ЕСМ) сè уште не е доставена информација до Владата врз основа на која таа треба да утврди цена со која државната ЕСМ ќе учествува на тендерот што ќе биде објавен од „ЕВН хоум“ како универзален снабдувач
Барањата на енергетските компании за зголемување на цената на струјата за 13 отсто најверојатно нема да бидат прифатени, изјави денеска министерот за економија Крешник Бектеши, одговарајќи на новинарски прашања.

Прашањата доаѓаат откако вчера првиот човек на Регулаторната комисија за енергетика и водни ресурси (РКЕ), Марко Бислимоски, вчера соопшти дека до РКЕ, од операторите се веќе пристигнати сите барања за цената на струјата, а доколку сите тие бидат прифатени, нејзиното зголемување од 1 јули ќе биде за 13 отсто.
Бектеши денеска изјави дека од страна на „Електрани на Северна Македонија“ (ЕСМ) сè уште не е доставена информација до Владата врз основа на која таа треба да утврди цена со која државната ЕСМ ќе учествува на тендерот што ќе биде објавен од „ЕВН хоум“ како универзален снабдувач.
„Цената која ја нуди ЕСМ кон ‘ЕВН хоум’ се разгледува на затворена седница на Владата. Откако ќе имаме барање од страна на ЕСМ, ќе бидете известени навремено, но тоа ќе биде согласно интересите на граѓаните и на државата во целина и заштита на животниот стандард во нашата држава“,
изјави Бектеши.
Во врска со барањето на енергетските компании за зголемување на цената на струјата за 13 отсто, министерот кажа дека не е важно колку бараат тие, туку колку ќе одобри Регулаторната комисија за енергетика и која ќе биде цената што Владата ќе ја утврди за ЕСМ.
„Претходната година енергетските компании бараа зголемување од 78 отсто, а некои компании надминаа и 100 отсто. Не е важно колку бараат тие, важно е колку ќе се одобри од страна на Регулаторната комисија за енергетика и која ќе биде цената која ќе ја утврди Владата на ЕСМ, која ќе ја даде кон универзалниот снабдувач, во овој случај на ЕВН, цена која важи за домаќинствата и малите потрошувачи, што значи дека 13 отсто зголемување, кое е барање на енергетските компании, нема да се прифати најверојатно. Можам да кажам дека нема да се прифати цената што би можела да ја бара ЕСМ затоа што и ЕСМ секако ќе бара цена, а работа на Регулаторната комисија за енергетика е да направи анализи и калкулации за барањето на МЕПСО и ‘Електродистрибуција’“,
рече министерот за економија.

Претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски, вчера изјави дека „Електродистрибуција“ има побарано зголемување на цената за дистрибуција од 32 отсто, МЕМО, операторот на пазарот на електрична енергија – 83,3 проценти, а МЕПСО, како оператор на преносниот систем – од 53,51 отсто.
„Доколку ги прифатиме сите овие барања, тогаш би значело зголемување на цената на електрична енергија од 12,75, односно од 13 отсто“,
изјави Бислимоски за МИА.
„ЕВН хоум“, рече претседателот на РКЕ, нема доставено барање поради тоа што не знае која ќе биде цената по која ќе ја набави од ЕСМ, повластените производители, и ако има потреба од слободниот пазар.
Бислимоски рече дека РКЕ во наредните денови ќе информира на што се темелат барањата за зголемување на цената, но, тоа, според него, е најверојатно поради зголемени трошоци во работењето.
Колку ќе изнесува новата цена на струјата и за колку евентуално таа ќе поскапи, РКЕ треба да соопшти до 20. месецов.