Во услови на криза, како што е актуелната, предизвикана од руската инвазија на Украина или како претходната со ковид-19, многу е важно Европската Унија кон земјите од регионот да се однесува како да се де факто членки на Унијата, со што ќе се испрати една симболична политичка порака до граѓаните, рече шефот на државата на панел-дискусија во рамките на Македонскиот енергетски форум 2023 што денеска се одржува во Скопје
Ние сме, за жал, сè уште една високо зависна држава во која со децении не е вложувано во нови енергетски капацитети, рече претседателот на државата Стево Пендаровски на панел-дискусијата „Мали земји – големи транзиции: енергетско лидерство во предизвикувачки времиња“ на која говореше заедно со поранешниот претседател на Република Хрватска, Стјепан Месиќ.

„Постојните капацитети што ги имаме не можат да го продуцираат својот максимум бидејќи се истрошени и стари“,
кажа Пендаровски.
За подобрување на ваквата состојба, претседателот наведе дека прво мораме да ги зголемиме домашните автономни извори на енергија и второ, преку регионално групирање или иницијативи да влегуваме на пошироките пазари на енергија, што речиси сите држави во регионот го прават.
„Конкретно за нас, зборувавме за ставање во функција на интерконекторот Грција – Северна Македонија“,
истакна претседателот Пендаровски додавајќи дека со пуштање во употреба и на интерконекторот Грција – Бугарија се отвора поголема можност за целиот наш регион.
Претседателот на државата во дискусијата посочи дека истовремено мора да се работи на јакнење на јавната свест за штедење на енергија, промена на навиките и на изнаоѓање алтернативни обновливи извори на енергија, потенцирајќи дека нашата држава во изминатите две години е лидер во растот на обновливи извори на енергија.
Во услови на криза, како што е актуелната, предизвикана од руската инвазија на Украина или како претходната со ковид-19, многу е важно, рече претседателот, Европската Унија кон земјите од регионот да се однесува како да се се де факто членки на Унијата, со што ќе се испрати една симболична политичка порака до граѓаните. Во тој контекст, претседателот рече дека државите од регионот мора да бараат да ги уживаат привилегиите од заедничкиот европски пазар.
„Многу е значајно како една симболична политичка порака до нашите граѓани во регионот, кога доаѓа една ваква криза, како оваа што е предизвикана од руската инвазија врз Украина, или како претходната со ковид-19, луѓето да разберат дека ние сме де факто членки на ЕУ, Брисел кон нас да се однесува како да сме де факто членки, а не да каже – ќе ги имате овие привилегии на заедничкиот европски пазар, или енергетски пазар, откога ќе станете земји членки“,
рече шефот на државата.
Тој заклучи дека државите од Западен Балкан, самостојно со своите внатрешни ресурси, не можат да ги решаваат овој тип проблеми и мораат да бидат дел од ЕУ. За жал, посочи тој, интересот на Брисел во изминативе години драстично опадна за нашиот регион, а тоа предизвика пад на поддршката и зголемување на евроскептицизмот кај граѓаните од нашите држави.
Панел-дискусијата на која говореше Пендаровски се одржа во рамките на Македонскиот енергетски форум 2023, што се одржува во Скопје во организација на ЗИП Институтот, во партнерство со Владата на Република Северна Македонија и Делегацијата на ЕУ во Скопје, на тема „Подобрување на триаголникот Политики-Финансии-Енергетска технологија за енергетска отпорност и зелена транзиција“.
