Инфлацијата во делот на прехранбените производи нагло се намалува, така што очекуваме во јуни таа да биде пониска од десет отсто, вели министерот за економија

Замрзнатите цени на овошјето и зеленчукот кои важат до крајот на овој месец, од 1 јуни нема да бидат продолжени, информира денеска министерот за економија Крешник Бектеши. Одлуката, Бектеши ја оправдува со тоа што цената на одредени производи веќе е пониска од утврденото ниво. Но, сепак, тој вели дека ситуацијата ќе продолжи да се следи на дневно ниво и доколку биде потребно, ќе бидат спроведени соодветни мерки.
„Нема да продолжи мерката за замрзнување на цените на земјоделските производи, имајќи предвид дека цената на одредени производи веќе е пониска од утврденото ниво. Ако од денот кога нема да важи таа одлука за замрзнување на цената на производите има злоупотреба од страна на трговците, ние на дневна база ја следиме ситуацијата и ќе следат различни мерки“,
рече Бектеши, по средбата со министерот за надворешна трговија и економски односи на Босна и Херцеговина, Сташа Кошарац.
Според министерот, инфлацијата во делот на прехранбените производи нагло се намалува, така што се очекуваме во јуни таа да биде пониска од десет отсто.
„Согласно последните податоци, инфлацијата оваа година ќе биде под проектираното ниво. Во делот на различни мерки, ние на дневна база правиме анализи и секогаш може да се усвојат, тоа ќе го правиме секако во соработка со стопанските комори“,
рече Бектеши.
Владината одлука за замрзнување на цените на десет видови овошје и зеленчук беше продолжена до 31 мај. Владата донесе одлука со која во периодот до 31 мај трговците се должни да прибавуваат и да продаваат најмалку 70 отсто од овошјето и зеленчукот чии цени се ограничени.