Ние го имаме апаратот кој ќе овозможи вонтелесна поддршка за пациенти чие срце не работи, чии бели дробови не работат, во наводници, се со многу ниска функционалност, за да ги одржиме во живот три месеци додека не добиеме орган за трансплантација, вели директорот на Клиниката, Сашко Јовев
Универзитетската клиника за државна кардиохирургија доби хибридна операциона сала, која е прва во државата. На отворањето, премиерот Димитар Ковачевски кажа дека ова е успешен исчекор во следење на современите медицински трендови.
„Јас утрово го посетив пациентот на кој вчера му беа извршени интервенции во хибридната сала и тој се чувствува добро, набрзо ќе замине дома и многу скоро ќе се врати на неговото секојдневие… Како Влада имаме одговорност да се грижиме за пациентите и за здравствените работници и ние ќе продолжиме да го правиме тоа. Повеќе од 40 години здравствениот систем во Република Северна Македонија беше во клиничка кома. Со сите овие залагања, од реновирање на клиники и болници ширум државата, од купување на современа апаратура, реновирање и комплетна реконструкција на операциони сали, по светски стандарди, реконструкција и опремување на цели болнички оддели, ја покажуваме нашата цврста определба за развој на здравствениот систем во Северна Македонија“,
кажа премиерот Ковачевски.





Директорот на клиниката, Сашко Јовев, рече дека работат сѐ што се работи во моментов во светот од областа на нивната субспецијалист, имаат знаење, искуство, тимска работа, најсофистицирана опрема.
„Ние го имаме апаратот кој ќе овозможи вонтелесна поддршка за пациенти чие срце не работи, чии бели дробови не работат, во наводници, се со многу ниска функционалност, за да ги одржиме во живот три месеци додека не добиеме орган за трансплатација… Нашиот народ добива нови модалитети за третман на најтешките и најчестите заболувања. Клиничкиот кампус, поголема сигурност. А државата, ултрамодерна клиника“,
нагласи тој.
Задоволство од отворањето на првата хибридна сала во државава, изрази и јапонскиот амбасадор.
„Мило ми е што бронхоскопот, донација од народот на Јапонија, ќе се користи тука“,
додаде Оцука Казуја, осврнувајќи се на поддршката што континуирано ја даваат низ годините.