Ова не е време за уцени, многу е јасно дека сите по нешто ќе изгубиме во оваа криза. Работниците од платата, а угостителите од профитот. Државата исто така ќе има големи загуби, но важно е сите да го пребродиме ова заеднички.
Ова им го порача министерот за економија Крешник Бектеши на угостителите кои вчера рекоа дека нема да ги користат мерките на Владата бидејќи не можат да издржат дополнително задолжување и оти поради тоа се отпуштаат работници.
„Во брзо време од Државниот завод за статистика (ДЗС) се очекуваат статистиките за март за да се направат споредбени анализи за бројот на работници по индустрии и ќе се се констатира дека бројката од 15 000 отпуштени работници во угостителскиот сектор е потполно неточна“,
им реплицираше Бектеши на угостителите нагласувајќи дека анализите од ДЗС покажуваат и дека токму бројките за овој сектор во јануари биле позитивни, односно имало зголемен број на туристи за 12 проценти, а оти слично се очекува и во февруари за којшто месец податоците се очекуваат во текот на оваа недела.
Наспроти тврдењата на угостителите дека нема да ги користат мерките, Бектеши излезе и со податок дека Владата требало да го надополни фондот во Банката за развој со дополнителни 8 милиони евра токму поради големиот интерес на компаниите од овој сектор.
Тој им порача дека од нив, во овој период кога целиот свет се соочува со сериозни проблеми, очекува да имаат коректен и неполитизиран пристап.
„Групациите на угостители треба преку матичните комори да предложат мерки и конструктивно да учествуваат на носење на истите без да навлезат во паушални анализи кои не се базирани на реални бројки и да шират неточни информации во јавноста“,
рече Бектеши.
Министерот потенцираше дека токму со првите мерки кои биле донесени за помош на бизнис-заедницата биле опфатени секторите туризам, угостителство и транспорт, а истите биле проширени и со вториот пакет мерки.
Тој ги потсети дека нивниот клучен услов за да ги задржат работниците било да може да ја исплатат минималната плата од 14 500 денари, што е овозможено со вториот пакет мерки.
„Како министер за економија, лично имам присуствувано на состанок со сите стопански комори каде што барањето за исплата на минималната плата беше клучно за задржување на вработените во секторот, за сега од туристичко-угостителскиот сојуз да слушаме дека нема да ги искористат сите мерки“,
рече Бектеши.