Лидерот на најголемата опозициската партија повторно повика на примена на хрватскиот модел, обвинувајќи ја актуелната власт за неодговорност, бидејќи, како што рече Мицкоски, таа го споменувала овој модел, но потоа ретерирала
Прашан на што партијата ги темели тврдењата дека со уставните измени на кои во моментот се работи се подготвува редефирнирање на државата, Мицкоски рече дека таквите информации доаѓаат од работната група, од луѓето кои тоа го зборуваат надвор од официјалниот дел на работата на ова владино ад хок тело
Под овие услови и околности, без разлика дали ВМРО-ДПМНЕ е носител на власта или не, уставни измени нема да има, изјави денеска лидерот на партијата Христијан Мицкоски и повторно повика на примена на хрватскиот модел во врска со ова прашање.

По вакви услови, рече Мицкоски, таа тема за ВМРО-ДПМНЕ е затворена.
„Честопати гледам преку оние платени експерти, јавни дебати, дека во следниот состав еве ВМРО ќе победи, ќе направи влада, ќе има уставни измени. Еве, повторно сега ви кажувам, во ниту еден состав под овие услови, без разлика дали ВМРО-ДПМНЕ е влада или не е влада, уставни измени нема да има. Условите или ќе се сменат за да почнеме да размислуваме во таа насока, или нема да има. Со овие услови, со овие околности, нема да има. Ние предложивме, цело време сме проактивни и велиме, вие го споменувавте тој модел (хрватскиот), ние велиме тој модел е модел на земја членка на Европската Унија, ајде да го примениме. Имаме неодговорна влада, која и по однос на ова прашање брзо смени став, која за да остане ден повеќе, за да може да украде евро повеќе, сè би направила, додавајќи дека забораваат дека доаѓа денот на одговорност и тој ден многу скоро ќе дојде“,
рече Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања за време на денешната посета на Oпштина Кисела Вода.
Партискиот став дека најголемата опозициска партија во ниту еден состав на парламентот, без разлика дали е мнозинство или не, нема да поддржи уставни измени под овие услови Мицкоски го истакна одговарајќи на прашање на што ги темели тврдењата дека во Работната група за уставните измени се заговара редефирнирање на државата.
Во врска со ова лидерот на ВМРО-ДПМНЕ рече:
„Токму на информациите кои доаѓаат од истата таа работна група, од луѓето кои тоа го зборуваат надвор од официјалниот дел на работата на таа т.н. работна група. Преамбулата да биде променета и Македонија да биде практично редефинирана како држава на два народи, етнички заедници и потоа малцинства. Отприлика во тие три столба ги градираат сите наши сограѓани и тоа е дојдено како информација директно од работната група“
Тој ги повика сите политички чинители кои предложија членови во работната група да се произнесат јавно.
„Јас како што знам не дадоа само Ковачевски и СДСМ претставници, таму дадоа и другите политички партии, па нека кажат јавно дека тоа не така. Но како и да е, таа тема за ВМРО-ДПМНЕ е затворена. Уставни измени во овој состав и под овие услови нема да има“,
изјави Мицкоски.
На оваа тема вчера зборуваше и потпретседателот на партијата, Александар Николоски, во вчерашното гостување во емисијата „Само интервју“ на ТВ Канал 5. Тој рече дека ВМРО-ДПМНЕ нема да прифати промени во Уставот, освен ако се примени хрватскиот модел каде што ќе стои дека Македонија е национална држава на македонскиот народ.
Тврдењата на опозициската партија дека власта работи на создавање бинационална држава, премиерот Димитар Ковачевски вчера ги оцени како небулозни.
„Истата таа опозиција зборуваше и дека во државата ќе има не знам колку милиони мигранти, дека државата ќе се кантонизира, дека со гласањето на францускиот предлог ќе сме станеле бугаризирани и асимилирани и дека ќе сме го изгубеле македонскиот јазик, но ништо од тоа не се случи. Ова е најновата во низата лаги. Се работи за шпекулација и за зборување нешто од немај-каде“,
кажа Ковачевски одговарајќи на новинарски прашања по пуштањето во употреба на магистралниот пат Куманово-Страцин.
Претседателката на работната група Маргарита Цаца-Николовска, исто така, вели дека никакво редефинирање на Уставот и државата не е мандат на работната група која работи на подготовка за уставни измени.
„Нашиот мандат е точно определен со низата документи и заклучоци на Владата, Собранието и Министерството за правда. Тоа што одредени личности сакаат да прикажат нешто поинаку, не е вистина и не знам од каде ги вадат тие информации. Тие велат дека имаат луѓе однатре кои им доставуваат вакви информации. Ние во самата работна друга сме се договориле. Јас ги повикувам тие ако постојат, ако лиферуваат одредени информации, барем да лиферуваат вистински информации, да кажат што ние досега сме работеле“,
изјави претседателката на работната група Маргарита Цаца-Николовска во интервју за „Утрински печат“.