Министерот за здравство Фатмир Меџити вели дека со проблемот за набавка на лекот „трикафта“ се занимава откако е дојден на министерската функција и се надева дека сето тоа брзо ќе се реши откако ќе завршат бирократските процедури, но најавува и дека се работи на тоа пациентите со цистична фиброза да добијат еден центар каде ќе се лекуваат

Пациентите со цистична фиброза ќе мора уште да чекаат да завршат бирократските процедури, а потоа да има набавка на лекот „трикафта“.
Министерот за здравство Фатмир Меџити вели дека со овој проблем се занимава откако е дојден на министерската функција, но најавува и дека се работи на тоа овие пациенти за добијат еден центар каде ќе се лекуваат.
„Работиме на тоа, уште од првиот ден со овој голем проблем се занимавам. Значи донесовме за 12 пациенти, за тоа што се залагаа и премиерот и Владата. Немало комисија таму, немало точно место каде се лекуваат тие пациенти, распределени се насекаде. Ние работиме на тоа да има еден центар, овие пациенти да се лекуваат квалитетно, долготрајно, ефективно. Сега тоа што ни преостана е протоколот што треба да се финализира. Потоа ќе имаме препораки и од Фонд за здравство, од каде ги земаме средствата за тоа, но и од Министерството за финансии. Мислам дека сето тоа за брзо време ќе се реши откако ќе поминат бирократските процедури“,
одговори Меџити на новинарско прашање за тоа дали има нови информации околу набавката на овој лек, потребен на лицата со цистична фиброза.
Тој кажа дека треба да поминат некои процедури, па го спомна тука и случајот со лифтови во Тетово.
„Тропам на сите врати во сите институции засегнати во државата, не можам да обезбедам еден лифт набрзина, да ставам еден – единствен, да не се носат пациентите со ќебиња, но, тоа се нашите закони, тоа е нашиот правен систем и јас не можам тука, врзани ми се рацете“,
рече Меџити.
Во моментов лекот „трикафта“ го примаат 12 најтешко болни од цистична фиброза.
Во март годинава Собранието ги усвоени законските измени со кои државата ќе може да набавува одредена количина од некој лек во директни преговори со неговиот производител. Измените предвидуваат олеснета набавка на лекови кои главно се наменети за пациенти со ретки и тешки болести, а меѓу нив е и „трикафта“.