Преку апликацијата можете лесно да пристапите и да ја истражувате вашата медицинска историја. Оваа апликација ја става моќта на информацијата директно во вашите раце, порача министерот за здравство Фатмир Меџити
Министерството за здравство денеска ја презентираше апликацијата „Мое здравје“ преку која секој граѓанин ќе има увид во податоците за сопственото здравје. Апликацијата е поврзана со системот „Мој термин“, од каде што се преземаат сите податоци: реализирани прегледи кај матичен лекар, специјалистички, лабораториски, дијагностички и болнички упати, рецепти, примени вакцини, во последните 10 години, односно од 2013 година до денес.
Сите информации се поделени во две категории – активни и архива. Активни се сите актуелни документи, а во архива се сместени сите изминати документи за повеќе години наназад.
Начинот на пристап до „Мое здравје“ е преку внесување на еID (се креира на сајтот uslugi.gov.mk). Пациентите мора да внимаваат нивниот eID да не дојде во рацете на друг човек, бидејќи така тој ќе има пристап до нивната здравствена историја и медицинска документација.
Според министерот за здравство Фатмир Меџити, оваа апликација ќе го трансформира начинот со кој управуваме со нашето здравје.
„Преку ‘Мое здравје’ можете лесно да пристапите и да ја истражувате вашата медицинска историја. Оваа апликација ја става моќта на информацијата директно во вашите раце. Она што го издвојува ‘Мое здравје’ е неговата беспрекорна интеграција со системот ‘Мој термин’“,
посочи министерот.
Портпаролката на Министерството за здравство Берна Шерифовска изјави дека апликацијата ветува подобрување во здравството, односно овозможува лесен, брз и ефикасен пристап до медицинската историја на граѓаните.
„’Мое здравје’ ги доближува модерната технологија и важноста за точни, ажурирани податоци на врвот на нашите прсти. Покрај неверојатниот потенцијал на апликацијата, важно е да се потенцира дека посебно внимание е посветено и на безбедноста на податоците, затоа што доверливоста и сигурноста на личните податоци се најважни“,
нагласи Шерифовска.
Присутните на презентацијата дадоа сугестија дека апликацијата би можела да биде дополнета со крвната група и евентуалните алергиски реакции на пациентите.