Претседателот на државата Стево Пендаровски, претседателот на Собраниието Талат Џафери и премиерот Димитар Ковачевски денеска испратија честитки по повод одбележувањето на 24 Мај, Денот на сесловенските просветители Свети Кирил и Методиј
Пендаровски во честитката, им посакува на граѓаните големиот празник да го поминат пред сè во добро здравје, исполнети со љубов, среќа и радост.

„Поставувајќи ги темелите на писменоста и духовноста кај словенските народи, Свети Кирил и Методиј извршија подвиг кој им обезбеди статус на светци во црквата, но и неизбришливо место во светската историја поради што со право се прогласени и за заштитници на Европа. Благодарение на нивното дело и ние Македонците, како дел од словенското семејство народи имаме можност и благослов на мајчин јазик да ја развиваме својата култура, уметност, образование, наука. И единаесет векови по нивното упокојување, универзалното дело на солунските браќа ги надминува верските, националните и идеолошките рамки и е пример за хуманизам, алтруизам и правдољубивост“,
се наведува во честитката од претседателот Пендаровски по повод 24 Мај, Денот на Свети Кирил и Методиј.
Од име Собранието на Република Северна Македонија и лично, спикерот Талат Џафери во честитката по повод 24 Мај, Денот на сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј, посочува дека капиталното дело на светите браќа Кирил и Методиј е бесценето наследство за светската наука и култура.

„Оваа порака која ја испраќам од Светата Столица, каде што ја предводам државно-црковната делегација на Република Северна Македонија на традиционалната манифестација во чест на Свети Кирил, е потврда за тоа дека светите апостоли Кирил и Методиј претставуваат столбови на културниот образец на Европа и глобалната духовност и се нераскинлива врска помеѓу нас и светот. Нивните дела во кои е вложен многу труд, љубов и посветеност ја надминуваат рамката на време и простор и имаат вековна значајност. Писменоста, јазикот, знаењето, науката и вредноста на зборот се од непроценлива вредност, како за еден народ така и за светот“,
наведува Џафери во честитката.
Честитки за 24 Мај, Денот на сесловенските просветители, Свети Кирил и Методиј, и посакувам, вели претседателот на Собранието Џафери, патот на нашата земја да биде светол како што е и нивното дело.
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, во името на Владата и во свое име, упати телеграма со честитки во чест на 24 Мај, Денот на сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј и патронен празник на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, до ректорот, проф. д-р Никола Јанкуловски, до деканите, продеканите, професорите, сенаторите и до студентите.

„Овој наш прв државен универзитет во земјава, еден од столбовите на македонската државност, продолжувач на просветителското дело на светите браќа Кирил и Методиј и нивните наследници, втемелени во создавањето на македонската писменост бил, е, и останува да биде стожер на културнообразовната и научната мисла и патоказ за развитокот на нашата држава. Денес, прогресивната, културнообразовна и научна мисла, повеќе од кога и да било е потребна за натамошниот напредок на Република Северна Македонија. Низ заедничката соработка, достоинствено го заштитивме нашиот македонски јазик и го поставивме на еднакво рамниште со официјалните јазици во Европската Унија“,
се наведува во честитката на премиерот Ковачевски.
Тој нагласува дека државата е на вистинскиот колосек.
„Ги отворивме перспективите преку почетокот на преговорите со ЕУ, што им се потребни на сите граѓани и на општеството, како и шансите за европски квалитет на образование. Ја унапредивме и регионалната соработка преку иницијативата Отворен Балкан и Берлинскиот процес. Со сето ова го проширивме полето за работа, дејствување и размена на позитивни искуства и напредни практики на регионално и европско ниво, цврсто уверени дека ова е вистинскиот начин за квалитативни унапредувања во сите општествени сфери. И затоа, потребно е да продолжиме да се движиме напред“,
посочува Ковачевски.
По примерот на светите браќа Кирил и Методиј, темелници на интеркултурализмот, додава тој во честитката, посветени сме на обединувањето во општественото живеење, како и во европското семејство.
„Светите браќа Кирил и Методиј нè задолжија да создаваме генерации кои се подготвени храбро да ги бранат и негуваат вредностите на својот народ, негувајќи го интеркултурализмот како цивилизациска придобивка. Затоа, благодарам што сме заедно по овој зацртан пат. Образованието е еден од главните темели за развиено, модерно, европско општество какво што се стремиме да биде Република Северна Македонија и очекувам дека со заедничките напори ќе ја оствариме оваа цел, во името на добрата иднина на сегашните и на идните генерации“,
напиша премиерот Ковачевски во телеграмата до ректорот Јанкуловски.
