Како можни локации, каде што компанијата МСИЕ би ги градела капацитетите за производство на флексибилни соларни панели, се наведуваат општините Петровец и Илинден

Белгиската компанија МСИЕ ќе биде новата инвестиција во Северна Македонија, која во земјава планира да вложи над пет милиони евра и да отвори околу 150 работни места. Новата инвестиција ја најави министерот за економија Крешник Бектеши, кој рече дека преговорите со компанијата се завршени и дека договорот ќе биде потпишан за околу еден месец.
Како можни локации, каде што би се граделе капацитетите за производство на флексибилни соларни панели, се наведуваат општините Петровец и Илинден.
Новата инвестиција, како што денеска најави Бектеши од Брисел, најверојатно ќе оди преку Законот за финансиска поддршка на инвестициите.
„Како Влада ќе продолжиме со ваквите посети со цел да ги презентираме можностите за инвестирање што ги нудиме како држава. Веќе е стабилизирана ситуацијата со енергетската криза и во периодот што следува главниот фокус ќе биде да се привлечат повеќе странски инвестиции и тоа инвестиции кои ќе нудат повеќе работни места за граѓаните и ќе донесат нови технологии и вештини“,
изјави Бектеши.
Министерот Крешник Бектеши и директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски, се дел од делегацијата што во Брисел ја предводи претседателот на државата Стево Пендаровски и кои денеска присуствуваа на бизнис-форум во Антверпен каде што пред белгиски компании се претставени можностите за инвестирање во Северна Македонија.
Според директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски, на двата бизнис-форума организирани во Брисел и Антверпен има интерес од белгиските компании кои особено се интересираат за достапноста на висококвалификуваната работна сила, усогласувањето на домашното законодавство со европското и за политичката стабилност во регионот.
„Очекувам дека по средбите во Белгија ќе имаме неколку компании со кои ќе ги продолжиме разговорите во наредните неколку месеци. Очекувам дека и презентираното позитивно искуство на ‘Ванхол’ и АБЕЕ ќе поттикнеме интерес за дополнително вложување“,
рече Деспотовски.
Со вчерашната инвестиција на белгиската компанија АБЕЕ во рамки на зоните вкупниот обем на склучени инвестиции е близу 300 милиони евра со предвидени пет илјади работни места.
Вчера, беше склучен договорот со белгиската компанија „Авеста батери енд енерџи инженеринг“ (АБЕЕ) која во ТИРЗ Кичево планира да вложи 40 милиони евра и да отвори над 600 работни места. АБЕЕ ќе гради фабрика за производство на електрични батерии за автомобили.