Интересен податок е и што ДЗР констатира дека ЈП „Водовод и канализации“ не склучило договор со 30 отсто или речиси 90 000 корисници, од кои 97 отсто се домаќинства

Загуба на вода од 60 отсто и неплатени обврски кон државата од околу три милиони евра, констатира Државниот завод за ревизија (ДЗР) во најновиот извештај за Јавното претпријатие (ЈП) „Водовод и канализација“ Скопје.
Ревизорите, како што пишува во извештајот, имаат неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансискиот извештај на ова претпријатие за 2021 година, а искажуваат и резерва во однос на усогласеноста со законската регулатива, упатствата и воспоставените политики.
Една од најголемите забелешки – загубата на водата – тие ја констатираат при споредба на произведената со водата што била фактурирана до корисниците.
„Ревизорите со извршената ревизија утврдиле дека во период од 2017 до 2022 година количината на произведената вода значително отстапува од количината на фактурираната вода, односно процентот на нефактурираната вода се движи околу 60%, што е двојно повисоко од нејзиното оптимално ниво предвидено со Стратегијата за намалување на загубите на вода во водоснабдителниот систем на Град Скопје“,
велат од ДЗР.

Интересен податок е и што ДЗР констатира дека ЈП „Водовод и канализации“ не склучило договор со 30 отсто од своите корисници.
„Од вкупно 295 750 корисници на вода, до денот на известување за ревизијата, ЈП ’Водовод и канализација‘ Скопје нема склучено договори за уредување на меѓусебните права и обврски со 30 отсто од корисниците на услугите (89 634 корисници), што може да предизвика отежната наплата на извршените услуги и да претставува тешкотија за непречено остварување на правата и обврските на давателите и на корисниците на услугите“,
верат од ДЗР.
Најголемиот дел од оние со кои не е склучен договор – 97 отсто се од категорија домаќинство, додека три отсто се од категорија стопанство.
Во однос на неплатените три милиони евра кон Буџетот, од Државниот завод наведуваат дека тоа е констатирано при увид во деловните книги на крајот на 2021 година. Станува збор за сума која се однесува на искажани, но неплатени обврски кон државниот буџет во период од повеќе години наназад врз основа на надоместокот за користење вода и надоместок за испуштање води.
