Двете партии во Бугарија се договориле Габриел денеска да го врати мандатот кај претседателот Румен Радев, а вториот што ќе го добие, Николај Денков од ПП-ДБ, да биде основата за формирање влада. Во првите девет месеци премиер ќе биде Николај Денков од Продолжуваме со промените, а вицепремиер и министер за надворешни работи ќе биде Марија Габриел од ГЕРБ. Следните 9 месеци Габриел ќе стане премиер, а Денков вицепремиер

По пет последователни избори, Бугарија ќе добие нов владин состав предложен од коалицијата „Продолжуваме со промените – Демократска Бугарија“ (ПП-ДБ) со поддршка на ГЕРБ, а премиерот на оваа влада ќе се менува на ротирачка основа, пренесуваат бугарските медиуми.
Двете партии во Бугарија се договориле Марија Габриел од ГЕРБ денеска да го врати мандатот кај претседателот Румен Радев, а вториот што ќе го добие, Николај Денков од ПП-ДБ, да биде основата за формирање влада. Во првите девет месеци премиер ќе биде Николај Денков од Продолжуваме со промените, а вицепремиер и министер за надворешни работи ќе биде Марија Габриел од ГЕРБ. Следните 9 месеци Габриел ќе стане премиер, а Денков вицепремиер.
На крајот на секои девет месеци премиерот ќе поднесува оставка, двете пратенички групи ќе гласаат и ќе ја поддржат номинацијата на другата пратеничка група за следен премиер, а премиерот во заминување ќе биде именуван за заменик-премиер.
Ова денеска го соопштија Габриел и Денков по разговорите меѓу ПП-ДБ и ГЕРБ. Информација е објавена пред кандидатката за премиер на првата политичка сила ГЕРБ, Марија Габриел, да го врати првиот мандат добиен од претседателот Румен Радев.
„Документот што го подготвивме со ПП-ДБ покажува колку отстапки направивме за државата да има редовен кабинет. Сакам особено да му се заблагодарам на Денков за неговото трпение и професионализам“,
рече Марија Габриел.
Таа објасни дека вториот мандат ќе биде национален и ќе се искористи за избор на стабилна влада, околу која ќе се формира уставно мнозинство.
Владата ќе ги спроведе договорените законодавни и административни програми, измените во Уставот ќе бидат подготвени и усвоени во дијалог со сите пратенички групи, вклучително и промени во структурата на Обвинителството и Врховниот суд.
Документот предвидува создавање механизам за прелиминарен договор меѓу пратеничките групи за номинациите за регулаторните тела, избрани од парламентот, со цел да се гарантира најдобар избор на личности со високи професионални и морални квалитети.
Габриел посочи дека документот треба да го поддржат двете пратенички групи, а нивна задача со Денков е да ги убедат партиите дека тоа е вистинскиот пристап во следните неколку дена.
Претседателот на Бугарија, Румен Радев, на 15 мај ѝ го врачи првиот мандат за состав на влада на кандидатката за премиер на ГЕРБ-СДС, Марија Габриел.
Габриел посочи дека нејзиниот предлог ќе биде експертска влада, обединета околу јасни приоритети.
Откако на Габриел ѝ беше врачен мандатот за состав на нова влада, од коалицијата „Продолжуваме со промените – Демократска Бугарија“ рекоа дека нема да го поддржи првиот мандат за формирање влада на ГЕРБ-СДС, со Марија Габриел како кандидатка за премиер. Одлуката ја соопштија Кирил Петков и Христо Иванов, кои најавија дека ќе работат за втор мандат.