Мустафов, кој починал по кусо боледување на 72-годишна возраст, ќе биде погребан во Штип. Тоа била неговата последна желба, потврдува сопругата Јелена

По кусо боледување, синоќа, на 72 години, починал легендарниот македонски кларинетист и саксофонист Ферус Мустафов.
Веста за неговата смрт ја потврдила сопругата Јелена во разговор со ММС, која открива дека погребот ќе биде во Штип.
„Починал минатата ноќ, а лошите вести ни ги кажаа утрово. Скршени сме од болка, сите се надевавме дека ќе оздрави. Пред некој ден ни кажаа дека е подобар и затоа се надевавме дека ќе биде сè во ред. Многупати досега кажал дека кога ќе дојде судниот ден сака да биде погребан во Штип. Тоа е негова последна желба и ќе му ја исполниме“,
вели сопругата.
Саксофонистот Ферус Мустафов имаше мозочен удар на 26 април и оттогаш се наоѓаше во болницата „8 Септември“.
Ферус Мустафов е роден на 20 декември 1950 година во Штип. Потекнува од ромско семејство на музичари и е син на Илми Јашаров. Неговата професионална кариера започнала на седумнаесетгодишна возраст, додека студирал виолина и кларинет во локална музичка академија. За тоа време тој бил поканет да оди на турнеја со бенд предводен од Тома Чрчев, а успехот на турнејата го натерал да се откаже од академското учење за да стане музичар.
По една година воена служба, за време на која тој ја воспоставил својата репутација играјќи на вечерни танци, тој се преселил во Сараево каде што ја презел водечката улога во експлозијата на популарноста на народната музика што се случила таму во тоа време.
Подоцна станал директор за музичко програмирање на ромски јазик на Радио-телевизија Скопје и се здобил со меѓународна публика преку изданијата на албумите на светските музички записи како што се „Глобус стил“ и „Тропски“.
Настапувал во голем број земји во светот и снимил десетина албуми, главно со инструментални композиции.