Министерката за одбрана Славјанка Петровска објави дека е приведена припадничка на Армијата поради земање поткуп од 3 000 евра од кандидат за тој да биде примен на конкурс за вработување.
„Вчера, во заедничко дејствување, припадниците на Службата за воена безбедност и разузнавање при Министерството за одбрана и Министерството за внатрешни работи во координација со Јавното обвинителство приведоа припадничка на Армијата на Република Северна Македонија заради вршење на кривично дело поткуп. Вработената, служејќи се со лаги и манипулации, уценувала кандидат пријавен на оглас да ѝ даде 3 000 евра за да биде примен. Кандидатот е успешен и секако ќе беше примен, а лакомата вработена е лишена од слобода, ќе го изгуби работното место и ќе биде кривично гонета исто како и нејзините соучесници“
објави Петровска на својот фејсбук-профил.
Петровска порача ова да биде порака дека „за криминалот нема место во Армијата“. Ги охрабрува сите да ги пријавуваат ваквите случаи. „Криминалот и корупцијата ќе добијат жесток и бескомпромисен одговор“, вели Петровска.