Јас во политиката имам влезено пред само четири години, дојден сум од приватен сектор во кој добивав достоинствена плата, вели вицепремиерот Битиќи

Сите ние, и во приватниот сектор, треба да разбереме дека нема веќе работници кои треба да бидат платени под достоинството на работникот, затоа што секогаш ќе има опција, вели вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.
Битиќи првпат ја обелодени висината на својата плата која ја има земено со покачувањето од 78 отсто, а кое се однесуваше на сите избрани лица во државата, но не даде одговор на новинарското прашање дали таа е достоинствена.
„Основната плата е слична на сите министри од 125 000 денари, таа е основицата, а плус се додаваат додатоци зависно од стажот и стигнуваат до 127 000 денари. Јас во политиката имам влезено пред само четири години, дојден сум од приватен сектор во кој добивав достоинствена плата“,
одговори Битиќи.
Вицепремиерот за економски прашања денеска пред почетокот на Македонско-финскиот бизнис-форум во организација на Стопанската комора рече дека причина за одлевањето работници од земјава се погрешните политики што се воделе во минатото.
„Погрешните политики што се воделе во минатото се причина за одлевањето на работниците од земјата. Последицата од таквата состојба е денешната ситуација, а тоа е граѓаните да не веруваат дека во нашата земја може да се отвораат добро платени работни места“,
вели Битиќи.
Тој додава дека политиката што од 2017 година се води е конзистентна.
„Секое едно работно место што ќе се отвори од странски и домашни компании, а би требало да добие поддршка од страна на Владата, мора да биде достоинствено платено работно место. Ние веќе во законите имаме кажано дека поддршка може да се добие само ако платата е над 50 отсто повеќе од минималната плата, што би дошло некаде до просечната плата во државата. Само такви конзистентни политики ќе направат нашите луѓе повеќе да веруваат и да ја вратат довербата дека во нашата земја се креираат достоинствени работни места и секако трендот на миграција ќе се намалува. За жал, последиците ги плаќаме сега на политиките и одлуките на некои мои претходници, кои години наназад ги правеле“,
рече Битиќи денеска одговарајќи на новинарско прашање.
Битиќи вели дека во нашата земја стапката на невработеност е сè уште висока и затоа смета дека преквалификацијата е решението за нејзино намалување.
„Според последните податоци од Државниот завод за статистика и Агенцијата за вработување стапката на невработеност е околу 13,7 отсто и тоа е доста високо. Сум кажал дека долгорочно решението е во нашите луѓе да се осмелат да се преквалификуваат и да прифатат работни места во кои ќе добијат достоинствена плата“,
рече Битиќи.
Вицепремиерот вели дека фактот што некогаш одредени случувања неприродно се случуваат, како што е миграцијата, ги натерало од приватниот сектор да даваат подостоинствени плати отколку што тоа било претходно.