Од полицијата велат дека го идентификувале идентитетот и ќе го повикаат матурантот на разговор, а ќе му поднесат и прекршочни пријави

Видеото од матурант кој во група со други врсници прославува и му покажува среден прст на полицаец денеска стана вирално на социјалните мрежи. Тоа предизвика низа реакции од кои повеќето негативни, а за случајот во изјава за медиумите се огласија и од Министерството за внатрешни работи најавувајќи дека ќе го повикаат на разговор во полиција и ќе му поднесат прекршочни пријави.
„Во врска со прашањето за лицето што недолично се однесува на јавно место, неговиот идентитет е утврден и од страна на полициски службеници од ЕВР Карпош ќе биде повикан во полициска станица Карпош и против него ќе се поднесат соодветни прекршочни пријави“,
велат од МВР.
На видеото објавено на социјалните мрежи се гледа како матуранти прославуваат во со жива музика во близина на познат хотел во Скопје. Еден од матурантите е качен на автомобил во движење, а покрај возилото се наоѓа полицаец. Како што може да се види на видеото, додека полицаецот со рака му покажува да се симне од автомобилот, матурантот со однесувањето го провоцира и му покажува среден прст.