Препораките опфаќаат формирање стручни тимови што ќе разговараат со секое дете во училиштата, состаноци со родителите за подобрување на безбедноста и состојбата во школите и во нивните околини, да се направат протоколи за ограничување на користењето мобилни телефони од страна на учениците и наставниците, да се обезбедат услови за психолозите и педагозите за да може да одржуваат тет-а-тет средба со ученици итн.
Владата на денешната седницата усвои десет препораки за училиштата, директорите, општините, меѓуопштинските центри за социјална работа, Министерството за образование и наука, Бирото за развој на образованието и Државниот просветен инспекторат, а целта е да се превенира меѓуврсничкото насилство.
Усвојувањето на ваквите препораки следува по вклучувањето на алармот кај надлежните откако во Србија 13-годишен ученик уби девет деца и чувар во основно училиште.
„Владата усвои сет од 10 препораки наменети првенствено за училиштата, како и за сите останати учесници во функционирањето на воспитно-образовниот систем, со цел во овој исклучително сензитивен период да се реагира внимателно и правилно во насока на подигнување на безбедноста во училишните објекти и превенирање на меѓуврсничкото насилство. Јас лично верувам во ефикасноста и ефективноста кои истите ќе ги постигнат“,
рече денеска министерот за образование Јетон Шаќири презентирајќи ги мерките.
Препораките опфаќаат формирање стручни тимови кои ќе разговараат со секое дете во училиштата, состаноци со родителите за подобрување на безбедноста и состојбата во школите и во нивните околини, да се направат протоколи за ограничување на користењето мобилни телефони од страна на учениците и наставниците, да се обезбедат услови за психолозите и педагозите да може да одржуваат тет-а-тет средба со ученици итн.
Во продолжение ги пренесуваме интегрално мерките што денеска ги презентираше министерот Шаќири:
- Локални самоуправи во соработка со Меѓуопштинските центри за социјална работа да формираат стручни тимови на ниво на општина во чиј фокус на работа ќе бидат разговори поединечно со секое дете/ученик во секое училиште;
- Државниот совет за превенција на детско престапништво да достави информации за работата и колку општински совети за превенција се опфатени, a во следниот период да ја засили комуникацијата со МОН во насока на преземање активности за градење на клима на доверба и добросостојба во училиштата, односно да се засилуваат превентивните мерки;
- Сите основни и средни училишта да одржат состаноци со сите родители/старатели на тема подобрување на процесите, безбедноста, организацијата и состојбите во училишните објекти и околината. На состаноците потребно е да се отвори темата дали се потребни училишни униформи како кодекс на облекување на учениците, родителите да се запознаат со етичкиот кодекс на наставниците како и да се размисли за надополнување на постоечките кодекси со правила за облекување на наставниот кадар и стручните служби. Потребно е на овие состаноци родителите да се потсетат за законските обврски кои произлегуваат од Законот за семејство и Кривичниот законик во делот на одговорностите при извршување на родителското право. Училиштата е потребно да го известат Министерството за образование и наука за присутноста од страна на родителите на овие состаноци. Секако, на овие состаноци секој поединец треба да се запознае со усвоените 10 препораки;
- Во кризни ситуации кои можат негативно да влијаат на однесувањето на учениците, потребно е менаџментите, наставниците и стручните служби треба да одговорат соодветно, да дискутираат и да влијаат на менталната состојба на младите, да понудат поддршка за надминување на предизвиците и да овозможат смирување на несигурноста и задржување на чувството на безбедност во училиштето;
- Секое училиште да направи протокол за начинот на користење на мобилните телефони на учениците и наставниците за време на часовите и во просториите на училиштата. Користење на мобилните телефони во училниците потребно е да се ограничи со цел да се поттикне дискусија, размена на идеи, отворени разговори, фокусирање на содржината на учење и друго;
- МОН и Бирото за развој на образованието треба да подготват листа на ресурси за кои ќе се дискутира на одделенски/класен час помеѓу наставниците и учениците, а ќе служат за унапредување на добросостојбата на учениците. Како на пример, Прирачници за животни вештини и Програма за психосоцијална помош и поддршка во унапредување на добросостојбата и менталното здравје на децата и младите во образовните, здравствените и загрижувачките институции и средини;
- Општините и Град Скопје во новата Годишна програма за работа на училиштата да развијат и дополнително зајакнат превентивни програми за промоција на добросостојбата на учениците, заштита од насилство, злоупотреба и запуштање, спречување дискриминација, соработка со родителите, односно старателите. Исто така, потребни се и активности за развивање на емоционални вештини и компетенции, за намалување од ризикот од психолошки нарушувања, појава на анксиозност и депресивност, а посебен фокус да има кон учениците кои се под зголемен ризик;
- Директорите на училиштата да обезбедат континуирано непречени услови за стручните соработници да се фокусираат на училишната клима, грижата за менталното здравје и добросостојбата на учениците;
- Секое училиште да обезбеди простори услови со цел да бидат отворени за тет-а-тет средби со учениците во секој момент;
- МОН заедно со стручни соработници од основни и средни училишта, претставници на Сојузот на средношколци, универзитетски професори, Бирото за развој на образованието и Државниот просветен инспекторат ќе формираат работна група која ќе треба да креира протокол за советодавна работа при обезбедување поддршка за психосоцијално и ментално здравје на учениците.