На барање на општинскиот кризен штаб на Куманово, АБХО, единицата од Армијата, денеска направи дезинфекција во банки, пошти и други установи каде што е зголемен протокот на граѓани, соопшти градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски.
Метежот е поради тековната исплата на пензиите и социјалната помош на граѓаните.
„Овие акции ќе се одвиваат секојдневно во следниот период додека трае постапката на исплата“,
соопшти Димитриевски.
Денеска општината екипираше радарски служби во соработка со полицијата кои ги контролираат најпрометни места во градот. Со една од екипите, денеска на терен излезе и градоначалникот Димитриевски, кој на граѓаните им делеше заштитни маски. Од утре кон редарските служби се приклучуваат и војниците.
Вчера кумановскиот кризен штаб побара Владата да донесе одлука за парите кои се исплаќаат во вид на социјална помош и пензии да бидат исплаќани преку ЈП „Македонски пошти“ и други субјекти кои имаат можност за таков сервис, директно до граѓаните.
„Така би се надминал постојаниот метеж пред банките и другите услужни установи кои вршат шалтерска исплата и услуга, бидејќи при вакви услуги евидентно не се почитуваат препораките на Владата од страна на граѓаните“,
посочија од кризниот штаб, но ваква владина одлука засега нема.
Во Куманово дома, денеска од коронавирусот почина пациент на 53 годишна возраст. Уште седум нови случаи на територијата на општината се регистрирани во последното деноноќие.
Со ова, вкупната бројка на заразени од ковид-19 во градот изнесува 128, со што Куманово е втор според бројот на заразени после Скопје.