Има разлика помеѓу проевропскиот блок предводен од СДСМ и антиевропскиот блок предводен од Левица. Но, исто така, знам дека во ВМРО-ДПМНЕ има поединци, пратеници, претставници на раководството кои не мислат како Мицкоски и кои искрено, со срце, сакаат земјава да го продолжи патот кон ЕУ, рече Ковачевски

Пораките од САД се јасни, силна е поддршка за европскиот пат на земјата и ВМРО-ДПМНЕ ќе мора да одлучи дали ќе му се приклучи на европскиот блок или ќе остане во заложништво на Левица, порача денеска претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски, на првата тематска трибина „Решенија што прават разлика“.
Според Ковачевски, СДСМ има резултати што прават разлика помеѓу проевропскиот блок предводен од СДСМ и антиевропскиот блок предводен од Левица.
„Имаме усогласена политика со ЕУ и земја сме која има стратешко партнерство со САД. Нашата визија за иднината на оваа земја е јасна, јавно кажана, и ние посветено работиме за тоа да биде реалност – полноправно членство во ЕУ до 2030 година. Пред неколку дена се вратив од САД, имав многубројни средби со високи државни претставници од нашите пријатели, од нашиот најголем и најважен стратешки партнер. Носам силна, јасна и недвосмислена поддршка од САД за нашата земја и за продолжување на европскиот пат на земјата. Со други зборови, европската интеграција не може да биде заложник на политичката кариера на еден човек. Јас вака знам, за мене вака се сака земјата, вака се обезбедува иднината, ова е патриотизам на 21 век“,
рече Ковачевски.
Од другата страна, рече Ковачевски, кај опозицијата гледаме само блокади и кочење на државата, на проектите, на европскиот пат.
„ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски немаат став, немаат визија. Во заложништво на проруската Левица се посветија само на блокади, хистерија од лажни вести и кочење на државата. Ништо друго. Има разлика помеѓу проевропскиот блок предводен од СДСМ и антиевропскиот блок предводен од Левица. Но, исто така, знам дека во ВМРО-ДПМНЕ има поединци, пратеници, претставници на раководството кои не мислат како Мицкоски и кои искрено, со срце, сакаат земјава да го продолжи патот кон ЕУ“,
додаде Ковачевски на денешната трибина.