Тој најавува и реорганизација и систематизација во здравството. За да нема одлив на здравствен кадар, според него, се разгледува можноста студентите од трите медицински факултети во земјава кога ќе стигнат до крај (шеста година на факултет) веќе да знаат каде ќе им биде идното работно место

Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ да има еден директор и во негови рамки да се направи Ургентен интернистички центар за да не шетаат пациентите по ходници, се дел од плановите на министерот за здравство Фатмир Меџити што тој ќе ги предложи до Владата.
За плановите тој вечерва зборуваше во емисијата „Топ тема“ на Телма ТВ.
„Треба да има еден директор на цел Клинички центар, како што било порано. Има заеднички служби кои се загубари и должници и не можат струјата да ја платат. Но не седев со скрстени раце, побарав донации, користејќи ги и моите лични познанства и собравме сума од некаде 500.000 евра. Сакаме да направиме Ургентен интернистички центар, како што има на Хируршки. Пациентите шетаат по ходници и тоа јас не можев да го поднесам“,
рече Меџити.
Како што рече тој, подготовките на Клиниката за токсикологија се при крај и таму ќе биде еден Ургентен интернистички центар со тријажа, кој ќе работи 24/7.
„Тука ќе има специјалисти од сите области и тука ќе се носат дијагнозите. Ако треба, пациентот ќе се проследува понатаму, ако не, си заминува дома“,
вели министерот.
Тој најавува и реорганизација и систематизација во здравството. За да нема одлив на здравствен кадар, според него, се разгледува можноста студентите од трите медицински факултети во земјава кога ќе стигнат до крај (шеста година на факултет), веќе да знаат каде ќе им биде идното работно место.
„Затоа ќе има реорганизација и систематизација. Знаеме дека во Универзитетската клиника ’Мајка Тереза‘ имаме хиперпродукција на кадар. Не ни треба толку кадар, а се вработени со миграцијата, од село во град, односно во Скопје. Ова мора да престане. Мора веднаш и да престанат партиските вработувања, секаде, не само во здравството. Ако е добар менаџер, треба да остане 30 години, ако е добра главна сестра, да си остане и да не се менува“,
рече Меџити во вечерашното интервју во „Топ тема“.