Процедурата е отпочната и таа ќе продолжи. Уставните измени ќе бидат доставени пред летото. Во ќор сокак не може да дојдеме зашто еден ден ќе имаме 80 пратеници, вели Ковачевски

Претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски вели дека има конкретни сигнали дека некои од пратениците од опозицијата ќе гласаат за уставните измени.
„Ќе ви одговорам конкретно дека има одредени сигнали некои од овие пратеници. Процедурата е отпочната и таа ќе продолжи. Уставните измени ќе бидат доставени пред летото. Во ќор сокак не може да дојдеме зашто еден ден ќе имаме 80 пратеници. Нашите граѓани заслужуваат да живеат во ЕУ“,
посочи Ковачевски во вечерашното гостување во „Само интервју“ на Канал 5 телевизија.
Ковачевски истакна дека Владата предводена од СДСМ успеала да обезбеди почеток на преговори и да го заштити македонскиот јазик во ЕУ, наспроти хистеријата и лагите што ги ширеше ВМРО-ДПМНЕ.
„Ние ги исполнивме нашите услови и имавме интензивни и тешки преговори минатата година со француското претседателство, со соседна Бугарија. Во тие преговори се покажа дека имаме голем број на пријатели и поддржувачи и добивме преговарачка рамка со ЕУ. Преговарачка рамка со која имаме чист македонски јазик потврден преку Фронтекс и заштитен македонски идентитет. Хистерија се ширеше во Скопје кога се потпишуваше, молотови коктели се фрлаа. Билатерланите прашања се дел од протоколот, а исполнувањето на протоколот е на реципрочна основа и само врз основа на историската комисија која одлучува самостојно, со 14 историчари. Таму сите одлуки се носат исклучиво со консензус“,
рече Ковачевски.
На прашањето дали смета дека ова ќе биде последно барање од Бугарија, Ковачевски рече дека Северна Македонија преговара со ЕУ, а не со Софија.
„Ние ги исполнуваме нашите обврски во преговарачката рамка. Еден од условите е и вметнувањето на други делови на народи во нашиот устав. Ќе влезат и Црногорците и Хрватите и Евреите ќе бидат предлог. Ова е прв пат во историјата блокадата да не доаѓа од надвор туку од внатре“,
порача Ковачевски додавајќи дека целата партија ВМРО-ДПМНЕ, сите пратеници од таа партија треба да дадат поддршка на уставните измени.
Прашан за тоа да каже дали во собранието ќе има 80 пратеници што ќе ги гласаат уставните измени, Ковачевски рече дека е рационален оптимист.
„Тоа значи дека верувама во остварувањето на целта, но работам таа цел да се оствари. Но, сепак тоа зависи од одлуката на сите пратеници во собранието бидејќи тие тоа им ги должат на граѓаните. Тие имаат можност да се приклучат на европскиот фронт“,
рече Ковачевски
Премиерот уште еднаш повтори дека предвремени избори нема да има.
„Прво ќе има претседателски избори, во втора половина на март, а потоа, во втората половина на јуни ќе бидат и парламентраните“,
истакна Ковачевски.