Во Инспекторатот за труд пристигнале неколку претставки од работници на кои работодавачите им давале да потпишуваат отказни решенија, а потоа нови договори со скратено работно време, потврди директорот Инспекторатот, Аљадин Хавзиу.
Тој на денешната прес-конференција на Инспекцискиот совет рече дека по сите пријави се постапува и апелира до работниците да не потпишуваат нешто што не знаат што е и веднаш да пријават во Инспекторатот.
Трудовиот инспекторат во овие неколку дена спровел 291 контрола и издал едно решение и 13 укажувања на работодавачите кои главно не ги почитувале мерките кои се однесуваат на платено отсуство за дете до 10 години, за самохран родител, бремени жени и хронични болни.
Од 2 до 5 април спроведени 3 908 инспекциски надзори
Претседателката на Инспекцискиот совет, Магдалена Филиповска-Грашкоска, на денешната прес-конференција информира дека во периодот од 2 до 5 април шесте инспекторати извршиле 3 908 надзори, при што е констатирано дека во најголем број случаи се почитуваат мерките на Владата за заштита од коронавирусот.

Најголем број прекршувања има кај работата на угостителските објекти и тоа во руралните средини, рече Филиповска-Грашкоска.
Пазарниот инспекторат извршил 3 233 контроли на угостителски објекти и 423 се контроли на замрзнати цени на одредени производи.
Затворени 48 угостителски објекти поради прекршување на мерките за ковид-19
Агенцијата за храна и ветеринарство извршила 208 надзори на маркети, месарници, зелени пазари при што изречени се две глоби – првата поради непочитување на претходно издадена наредба и втората поради продажба на производи без декларација.
Исто така, изречени се и 7 мерки за едукација кои се однесуваат на неспроведени обуки за безбедност на храна и 15 решенија на месарници и маркети поради лоша општа хигиенска состојба.
ДСЗИ од 2 до 5 април спровел 66 вонредни инспекциски надзори во здравствените институции, при што е констатирано дека се почитуваат мерките на лична здравствена заштита на здравствените работници.
Директорката Иринка Бухова апелира до сите граѓани да им веруваат на медицинските лица бидејќи го даваат својот максимум во справувањето со коронавирусот.

Одговарајќи на прашањето кој е најголемиот проблем и предизвик во болниците, Бухова истакна дека здравствениот систем во земјава е консолидиран, дека се контролираат сите јавно-здравствени и приватни установи, но дека се работи за жива материја и дека се можни одредени проблеми од организациски тип, но дека тие се решаваат на дневна основа.
Инспекторатот за транспорт утврдил дека 90 проценти од меѓуопштинскиот сообраќај не се реализира и за 50 проценти помал сообраќај при контролата на автобуските станици. Меѓународниот сообраќај е целосно во прекин.
Агенцијата за лекови при 41 контрола не констатирала непочитувања, односно во аптеките се одржувал редот и цените на лековите се во согласност со мерките на Владата.