Евроамбасадорот не даде конкретен одговор дали го добил писмото кое опозициската ВМРО-ДПМНЕ го испрати до Европскиот парламент, до него, но и до други претставници на ЕУ, а во кое ја обвинува власта оти го злоупотребува европското знаменце на петте предлог-закони поврзани со изградбата на коридорите за да ја прикрие корупцијата. Единствено кажа дека е во редовен дијалог со опозицијата за прашањата што таа ги покренува
Европското знаменце многу често се употребува за усвојување на некои закони, а се знае дека неговата употреба секогаш е наменета за усвојување на закон којшто е директно поврзан со европските практики и европското законодавство. Ова е причината поради која евроамбасадрот Дејвид Гир, како што изјави и самиот, го покренал прашањето за употреба на европското знаменце на петте предлог-закони кои се во собраниска процедура, а кои се поврзани со спроведување на договорот со „Бехтел и Енка“ за изградба на коридорите 8 и 10-д.

Употребата на знаменцето на Европската Унија, вели Гир, секогаш треба да се прави по претходна консултација со сите политички партнери кога е во прашање усогласување на некој закон со европската легислатива што, како што рече, не е во овој случај.
„Ние имаме редовни контакти со Владата во врска со ова прашање, меѓутоа и со ред други прашања и се разбира дека секогаш сме подготвени да ја сослушаме Владата што има да каже во врска со ова прашање и со други прашања што нè засегаат сите нас“,
изјави евроамбасадорот по денешната промоција на проектите на 45 граѓански организации, имплементирани во рамки на Регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан 2.
Евроамбасадорот не даде конкретен одговор на прашањето дали го добил писмото кое опозициската ВМРО-ДПМНЕ го испрати до Европскиот парламент, до него, но и до други претставници на ЕУ, а во кое ја обвинува власта оти го злоупотребува европското знаменце на петте предлог-закони поврзани со изградбата на коридорите за да ја прикрие корупцијата.
„Што се однесува до опозицијата, ние сме во редовен дијалог и со неа за прашањата што тие ги покренуваат“,
изјави Гир.
Во писмото кое пратеници од опозициската ВМРО-ДПМНЕ го доставија до Европскиот парламент, но и до други претставници на Унијата, ја обвинуваат власта оти го злоупотребува европското знаменце на предложени законски измени поврзани со спроведувањето на договорот со „Бехтел и Енка“ и додаваат дека употребата на знамето на ЕУ во овие пет закони не е оправдана оти нема никаква поврзаност со усвојувањето со законодавството на Унијата.