Северна Македонија и САД ја градат трајната врска врз заеднички вредности и принципи како слободата, демократијата, правдата и владеење на правото, велат од Владата

Република Северна Македонија и САД ќе соработуваат во спротивставување на манипулациите со информации и борбата со дезинформации. Меморандумот меѓу САД и Северна Македонија за создавање стратешко партнерство за борба против дезинформации е потпишан од премиерот Димитар Ковачевски и Џејмс П. Рубин, специјалниот претставник и координатор на Центарот за глобален ангажман на американскиот Стејт департмент, информираат од владината прес служба.
„Северна Македонија и САД трајната врска ја градат врз заеднички вредности и принципи како слободата, демократијата, правдата и владеење на правото. Претседателот на Владата изрази благодарност за соработката и ја потенцираше важноста на Меморандумот констатирајќи дека ова претставува огромна поддршка за Северна Македонија во градењето цврста демократија“,
се додава во соопштението од Владата.
Од Владата велат дека пријателството меѓу Северна Македонија и САД е гаранција за стабилноста и просперитетот на нашата држава, како и на цел Западен Балкан.