Министерот за образование и наука Јетон Шаќири денеска се сретнал со ученици од средното училиште „Нико Нестор“ во Струга, каде што се дискутирало за превенција од врсничко насилство. Шаќири, како што соопштија од Министерството за образование, порачал дека се важни чести дискусии со младите во рамките на училиштето и во рамките на семејството.
„Само љубезноста, меѓусебната почит и толерантното однесување можат да придонесат кон градење на мирна и хармонична училишна средина во која вие младите ќе се посветите на учењето и ќе се натпреварувате со знаења, наместо да прифаќате трендови кои можат да доведат до нарушување на меѓусебните односи и дефокусирање од суштината на воспитно-образовниот процес“,
рекол Шаќири.

Тој додал дека кај сите граѓани е зголемена свесноста за последиците од насилството, кои, како што рече, можат да бидат катастрофални, какви што беа во соседна Србија и затоа, според Шаќири, сите треба да се залагаме за елиминирање на потенцијалните фактори кои би можеле да иницираат насилно однесување кон поединци или кон групи на ученици.
„Од вас слушнав многу конструктивни предлози и вие, всушност, точно знаете што е потребно за зачувување на училишниот мир. Дел од овие идеи ќе бидат вметнати во протоколите кои ги подготвуваме во моментов, а ќе служат за постапување во рамки на училиштата при детекција на случаи на насилство“,
порачал министерот пред учениците.

Шаќири вчера порача дека по нападите во Србија, веќе се подготвуваат протоколи и насоки за стручните служби на училиштата и за наставниците, а употребата на социјални мрежи како ТикТок, според него, треба да се ограничи или целосно да се оневозможи, со цел да се зачува безбедноста на учениците.