Канцелариите на психолозите, наведуваат од Сојузот, треба да бидат отворени за средношколците и тие да имаат право да закажат тет-а-тет средба со психологот ако имаат потреба. А, за да се избегне докажаната неуспешност на обуките, од Сојузот велат дека предложиле спроведување на тестирања кои ќе ги мерат знаењата стекнати од обуките на стручните служби

Неколку препораки за работата на педагозите, психолозите и специјалните едукатори, изнеле вчера од Сојузот на средношколци на средбата во Министерството за образование и наука (МОН) која беше дел од првата фаза консултации за креирање мерки и надополнување на постојните механизми за детекција и спречување меѓуврсничко насилство.
Средбата следуваше по масакрот што се случи во средата во основното училиште „Владимир Рибникар“ во Белград каде што 13-годишник уби девет лица (чуварот и осум деца) и рани седум (наставничка и шест деца).
Средношколците сметаат дека мора да се дејствува брзо и ефикасно за да се превенираат негативните ефекти и да се избегне домино ефект.
Првото барање што го изнеле од Сојузот е МОН да стапи во соработка со МВР за да се засили обезбедувањето во школите, додека другите предлози се однесуваат на работата на стручните служби во школите.
„Праксата покажува дека училишните психолози се обременети со административна работа, што ги спречува да комуницираат со корисниците на нивните услуги – учениците. Водејќи се од позитивните примери присутни во некои училишта во нашата земја, Сојузот предлага нов модел на работа на училишните психолози. Имено, нивните канцеларии треба да бидат отворени за средношколците, а тие треба да го имаат правото да закажат тет-а-тет средба со својот училиштен психолог“,
велат од Сојузот на средношколци.
Оттаму додаваат дека се свесни оти ќе бидат потребни обуки и доквалификации и истите, според нив, треба да се спроведат штом ќе биде изготвен протокол за новиот модел на постапување.
„За да се избегне докажаната неуспешност на обуките, Сојузот предложи и спроведување на тестирања кои ќе ги мерат знаењата стекнати од овие обуки. Сојузот мисли дека летниот распуст треба да биде употребен за изготвување на протоколот за новиот модел на работа на стручните служби и за отпочнување на обуките за соработниците. Мора да се дејствува веднаш“,
порачуваат од Сојузот.
Средношколците го поздравуваат тоа што МОН отвори електронски адреси ([email protected] и [email protected]) за пријавување меѓуврсничко насилство, но предлагаат за таа намена да се размисли и за отворање на бесплатна телефонска линија и профили на социјалните мрежи.